1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции на промените на пактот за стабилност на еврото

23 март 2005

По напорната работа на министрите за финансии, шефовите на држави или влади на самитот во Брисел пред Велигден со малку дебата, едногласно ги освоија олеснувањата во пактот за стабилност на еврото.

https://p.dw.com/p/AeP6

Тие предвидуваат грешниците кои ја прекршуваат границата на буџетскиот дефицит од 3 насто, поставена во мастришкиот договор, да имаат можност да докажат дека тоа го направиле во специјални услови и потреби кои посебно се поврзани со единството на Европа. На тие влади ќе им се остави време да можат да ги балансираат своите буџети. Германија така мина со нејзините барања за посебни трошоци за обединувањето и нето исплатите во касата на Европската унија. Канцеларот Герхард Шредер со широка насмевка, задоволен што поранешната таканаречена крутост во спорведувањето на пактот, сега стана флексибилност. Меѓутоа, посебно задоволен е министерот за финансии Ханс Ајхел кој жестоко се бореше за постигнатиот резултат:

„Нема победници и губитници. Во моментов сите сакаме поголем растеж со оглед на слабостите на тој план, а од друга страна, никој не сака да се откаже од пактот за стабилност. Напротив, секогаш кога ќе дојдеме до поголем пораст мораме да вложуваме големи напори за консолидација на буџетот„.

Ајхел ги отфрли и критиките на опозицијата дека реформата ќе води кон неограничени задолжувања:

„Се надевам дека конечно ќе биде разбрано. Она што се случува во Германија е неподносливо и нема ништо заедничко со европската реалност„.

Ајхел уште дополни дека со усвојувањето на олеснувањата во пактот за стабилност, никоја од земјите членки на зоната на еврото не доби и лиценца за нови задолжувања. Меѓутоа, критичарите на овој чин не гледаат така. Генералниот секретар на демохристијанската партија Фолкер Каудер:

„Ако задолжувањето постојано се турка нагоре, не е можно да се одржи стабилност и од тоа се загрозени пред се младите генерации„.

Се вели и дека сојузната влада сегашаните измени ќе ги прими како покана за нови задолжувања. Шефот на либералите Гидо Вестервеле:

„Оној што сака да постигне растеж со нови задолжувања, само ќе доживее повисоки даноци, поголема невработеност, а тоа се токму нови долгови„.

Во врска со промените на пактот за стабилност загриженост покажаа и германската сојузна банка како и Европската централна банка, посебно затоа што многу нешта сега ќе можат да се прикажат како посебни давачки. Поделени се мислењата околу тоа дали еврото е загрозено. Клаус Цимерман од институтот за економски истражувања:

„Во никој случај не гледам дека од ова решение е загрозена стабилноста на еврото. И порано во Германија немаше пакт за стабилност, па сепак имавме многу стабилна валута„.

Поранешниот министер за финансии и еден од татковците на пактот за стабилност на еврото, Тео Вајгел, остро ги критикуваше олеснувањата:

„Ако не се придржуваме кон она што сме го презеле, ако она што беше постигнато пред десет години и беше славено како голем успех, и од господин Ајхел, сека одново се слави како успех, сметам дека е противречно и погрешно. Тоа е удар врз довербата што и е неопходна на една валута„.

За разлика од него, реформите во пактот за стабилност ги поздрави евро-комесарот за индустрија Гинер Ферхојген. Комисијата го напарви она што беше неопходно: при просудувањето на дефицитите фер и објективно да се разгледува вкупната економска ситуација:

„Европската унија има моќ за заеднички акции и развивање заедничка економска стратегија при што пактот за стабилност е многу важен. Оваа негова реформа на цела низа држави ќе им овозможи таква политика што ќе води кон посилен развој. Тоа не значи бланко чек за дефицити, туку ќе се зема предвид дали една држава се наоѓа во структурни промени, дали се неопходни инвестиции за среднорочно да се обезбедат поголема стабилност и растеж„.