1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ратко Младиќ е сеуште на слобода!

22 февруари 2006

Ратко Младиќ е сеуште на слобода и се наоѓа во Србија. Вака главниот обвинител на хашкиот трибунал Карла Дел Понте претпладнево ги демантираше медиумските информаци дека поранешниот воен лидер на босанските срби вчера бил уапсен

https://p.dw.com/p/Ac8h
Карла Дел Понте
Карла Дел ПонтеФотографија: AP

„Јас бев убедена дека во ова нема вистина. Младиќ за жал останува на слобода. Но Младиќ и Караџиќ мора да бидат изнесени пред правдата во Хаг за да не остане неказнет геноцидот на 8000 муслимани во Сребреница. Ратко Младиќ е во Србија. Во тоа нема сомнеж„ рече Карла Дел Понте според која Младиќ е во Србија уште од 1998 година. Целиот период тој бил и сеуште е на дофат на српските власти

„ Тој може и мора да биде уапсен итно. Очекувам од српските власти да работат многу поинтензивно за да ја остварат таа цел„

Главниот обвинител очекува поддршка од ЕУ која веќе побара од Белград да ја исполни обврската, која се поврзува со текот на преговорите за стабилизација и асоцијација

„Србија знае дека преговорите можат да бидат прекинати, или дури и никогаш да не бидат заклучени доколку Белград целосно не соработува со Хаг. Секогаш можам да сметам на поддршката од страна на ЕУ, но сега, посебно сега улогата на Унијата е од исклучителна важност. Сега ми е потребна силна поддршка со цел Ратко Младиќ многу бргу да се најде во Хаг„ рече Карла Дел Понте

Инаку претходно и српските власти ги демантираа информациите во медиумите дека Ратко Младиќ бил уапсен

„ Веста за апсењето на Ратко Младиќ не е точна. Се работи за манипулација и дезинформација која е штетна и не придонесува кон напорите на српската влада за целосна соработка со хашкиот трибунал„

Инаку веста за апсењето на Ратко Младиќ од вчера ја објавуваа речиси сите агенции. Според непотврдените информации на дел од нив, 63 годишниот Ратко Младиќ наводно бил уапсен во близина на Белград и бил префрлен во базата на ЕУФОР во Тузла.