1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте меѓународниот притисок врз Сирија

28 април 2011

Советот за безбедност на ОН не успеа да постигне заеднички став за осуда на насилното задушување на сириското протестно движење. Режимот во Сирија продолжува со бруталниот однос кон демонстрантите.

https://p.dw.com/p/1153A
Фотографија: AP

Додека западните земји бараа осуда на Сирија и независна истрага на инцидентите во земјата, Кина и Русија тоа го одбија. Рускиот заменик-амбасадор во ОН Александар Панкин предупреди од можна граѓанска војна во Сирија, која може да биде предизвикана од надворешна интервенција. Кризата во оваа арапска земја не претставува никаква закана за мирот и меѓународната безбедност, изјави Панкин. Напротив, вмешувањето може да стане вистинска закана за регионалната стабилност, смета рускиот заменик-амбасадор.

Американската амбасадорка во ОН Сузан Рајс го опомена Дамаск да изврши промена на курсот. Сирискиот претседател Башар ел Асад мора да ја промени политиката. Рајс од меѓународната заедница побара решително да се спротистави на насилниот однос кон сириската опозиција. Францускиот амбасадор во Њујорк Жерар Арод најави дека неговата земја, заедно со другите држави, ќе продолжи во барањето патишта за засилување на притисокот врз Дамаск, ако не се случи ништо „позитивно“. Германија ќе поддржи соодветни санкции, истакна и германскиот амбасадор во ОН, Петер Витиг.

UN Logo

По синоќешниот неуспешен обид за меѓународна осуда на сириското раководство во односот кон опозицијата, западните држави бараат одржување јавна седница на Советот за безбедност на ОН. ЕУ пак утре ќе разговара околку воведување санкции против Сирија.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле вчера во Берлин истакна дека доколку сириското раководство не престане со насилството кон сопствениот народ, санкции се неизбежни: „Тоа значи, дека ќе се дискутира за ембарго на оружје, како и за замрзнување на имотот и ограничувања на патувањата. Ќе мора да бидат преиспитани и исплатите страна на ЕУ кон соседните земји“.

Во сирискиот град Дараа, каде започна протестното движење против претседателот Башар ел Асад кон средината на март, силите на безбедноста продолжиле со употреба на сила кон опозиционите активисти. Во вторникот се убиени најмалку шест луѓе. Во ОН проценуваат дека бројот на загинати демонстранти од март досега изнесува меѓу 350 и 400 луѓе. Организациите за заштита на човековите права сметаат дека има над 450 убиени лица.

Автор: ЖА/ АТ/ дв/ афп

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема