1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте бројот на жртвите во Турција

29 август 2006

По најновиот бомбашки напад во турското туристичко место Анталија расте бројот на жртвите. Се огласија напаѓачите, но не и властите во земјата. Курдските екстремисти ја презедоа одговорноста за нападите и најавија нови. Улрих Пик јавува за ситуацијата во Турција.

https://p.dw.com/p/Ac3i
Местото на ескплозијата во Анталија
Местото на ескплозијата во АнталијаФотографија: AP

Околу стотина повредени и четири загинати – тоа е билансот на петте бомбашки напади кои од неделата до сега се случија во Турција. Последната бомба одекна синоќа во туристичкото место Анталија. Во детонацијата која се случила некаде меѓу 16 и 17 часот, според турските медиуми загинале четири лица, а над 70 се повредени. Меѓу повредените има и странски туристи. Уништени се и голем број куќи. Според информации на полицијата, експлозивната направа била скриена во багажник на мопед кој се користел за разнесување на храна. Само претходната ноќ четири експлозии ја потресоа земјата, три беа во туристичкото градче Мармарис и една во Истанбул. Сите беа подметнати или во корпи за отпад или како оставен пакет. За нападите во Мармарис и Истанбул одговорноста ја презедоа „Курдските соколи“, крило на забранетата курдистанска работничка партија ПКК. Во писмото им се порачува на сите туристи да одат подалеку од туристичките места во Турција. Се додека лидерот Абдула Оџалан е во затвор, „нашите бомби ќе експлодираат насекаде низ Турција“,стои во објаснувањето на напаѓачите. Курдскиот лидер Оџалан инаку беше уапсен пред седум години. Му беше изречена смртна казна, која потоа е преименувана во казна доживотен затвор.

Целта на милитантните Курди е да ја погодат Турција, онаму каде што е најчуствителна. А во таа земја, туризмот се смета како една од најдоходовните гранки. Само годинава, по минатогодишните терористички напади во Кушадаси, бројот на туристите во однос на лани е намален за 2,2%. Во меѓувреме нема никаква официјална изјава од турската влада, полицијата или државниот обвинител за нападите или истрагата.

За сега само се шпекулира дека нападите се поврзани со денешното официјално стапување на должност на новиот шеф на генералштабот во Турција, Јашар Бујканит, кој најави војна против „сепаратистичкиот терор“ на курдските екстремисти.