Расмусен: Македонија во НАТО само со решен спор за името
27 јануари 2014Во однос на земјите-кандидати за членство во НАТО, во извештајот на Расмусен, кој денеска на прес-конференција во Брисел го претстави пред новинарите, се наведува дека Алијансата ќе одржува посебно тесни врски со сите четири земји-кандидати: Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Грузија, како што јавува дописникот на МИА од Брисел.
„Во 2013. година е постигнат одличен прогрес во исполнувањето на стандардите на НАТО, но потребен е понатамошен прогрес за овие земји да станат членки на Алијансата“, се наведува во овој дел од извештајот на Расмусен, каде за Македонија е поставено решавање на прашање на името како единствена блокада за и официјално да стане членка.
Во однос на тоа дали на агендата на Самитот во Велс во септември ќе се најде и проширувањето, високи извори од НАТО за МИА потврдија дека сѐ уште не е одлучено, но оти „нема сомнеж дека ќе се повтори политиката на отворени врати, како што тоа се правеше на претходните Самити”.
„Сѐ уште има време и очекуваме ажурирана оценка на сите четири земји-кандидати пред Самитот, па последната одлука ќе се направи врз основа на таа база“, потврдуваат високите извори на Алијансата за МИА, инсистирајќи на анонимност.
На прес-конференцијата, пак, генералниот секретар на Алијансата посочи дека главни точки на годинешниот Самит на НАТО ќе биде повлекувањето на трупите на Алијансата од Авганистан и идната тренинг-мисија.