1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расмусен во мисија на помирување

28 август 2009

Генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен при посетата на Турција демонстративно го покажа своето почитување на исламот.

https://p.dw.com/p/JJmr
Андерс Фог РасмусенФотографија: picture-alliance/ dpa

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, кој беше жестоко критикуван од муслиманите поради непопустливиот став во спорот околу карикатирите на пророкот Мохамед, синоќа (27.08.2009) во Анкара, заедно со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган учествуваше во ифтарот, традиционалната вечера за време на муслиманскиот месец на постот, Рамазан.

„Моето присуство овде вечерва сметајте го за јасна манифестација на мојата почит за исламот како една од најголемите светски религии“, порача Расмусен. Вредностите на постот за Рамазан, како трпението, скромноста и самодисциплината се универзални човечки вредности. Генералниот секретар на НАТО кој дојде на функцијата на почетокот на август, ја пофали Турција како мост меѓу Европа, арапскиот свет и централна Азија.

Присуството на Расмусен сигнал за исламскиот свет

Премиерот Ердоган, пак, истакна дека присуството на Расмусен на ифтарот претставува порака до Турција и до исламскиот свет воопшто. Истовремено, тој го повика Западот да не го поврзува исламот со терористичките акти. Паушалното осудување на припадниците на една религија како терористи врз основа на акциите на поединци претставува еден вид злосторство против човештвото, истакна Ердоган.

Recep Tayyip Erdogan
Реџеп Таип Ердоган: присуството на Расмусен на ифтарот е порака до исламскиот светФотографија: AP

Турција поради карикатурите на сметка на пророкот Мохамед, кои беа објавени во 2005 година во еден дански весник, долго се спротиставуваше на изборот на Расмусен за генерален секретар на НАТО. Како тогашен дански премиер тој се дистанцираше од карикатурите, но одби да се извини за нив, повикувајќи се на слободата на печатот. Дури со посредување на американскиот претседател Барак Обама Турција, единствена членка на НАТО со муслиманско население, конечно се откажа од отпорот против Расмусен.

Кавгите меѓу Атина и Анкара ја отежнуваат и соработката меѓу НАТО и ЕУ во Авганистан

Пред посетата на Турција, Расмусен престојуваше во Грција, каде повика на надминување на грчко -турските напнатости. Грција и Турција со години се во спор поради островот Кипар и несогласувањата за текот на границата во Егејското Море. Кавгите меѓу Атина и Анкара ја отежнуваат и соработката меѓу НАТО и ЕУ во Авганистан, изјави Расмусен по средбата со грчкиот премиер Костас Караманлис. Мораме постепено, чекор по чекор, да ја пренесеме одговорноста за безбедноста на Авганистан врз неговите безбедносни сили. За да го постигнеме тоа, неопходна е соработка меѓу НАТО и ЕУ, порача Расмусен.

Автор: ЖА/ГЧ/афп/ап/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска