1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Рамазан во време на корона

Ханс Фајфер | Монир Гаеди
23 април 2020

Ширењето на коронавирусот има големи последици врз исламскиот месец на постот Рамазан. Во моментов е тешко можно „нормално“ постење.

https://p.dw.com/p/3bIEP
Libyen Feuerpause Fastenbrechen
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Turkia

Пандемијата на коронавирусот е вистински тест за муслиманите во целиот свет. Затоа што од последиците се погодени три од нивните пет столба на верата: многу земји ја имаат толку ограничено слободата на собирање, што џамиите остануваат затворени за молитва. На аџилак во Мека сега и онака не може да се мисли, поради тоа што Саудиска Арабија ги има затворено светилиштата. Сега во прашање се доведува и Рамазан. Месецот на исламски пост почнува денеска, 23 април. Муслиманите во текот на исламскиот свет месец смеат да јадат и пијат само во вечерните часови и ноќе. Така правел и пророкот Мухамед.

Меѓутоа, со оглед на брзото ширење на коронавирусот се чини дека во моментов е тешко можно „нормално“ постење. Зашто секојдневното откажување од храна и пијалок би можело да оди во прилог на ширењето на Ковид-19, поради тоа што телесниот стрес би можел да значи погодност за заболување. Но, исламскиот пост се применува само доколку не е загрозено здравјето - болните и здравствено кревките луѓе, исто како и бремените жени, се и онака изземени од постот. Овој исклучок во 2020 година би можел дури да стане правило.

Deutschland Zuckerfest
Заедно - така вообичаено изгледа ифтаротФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Рамазан без собири

Многу попроблематичен во време на корона е заедничкиот ифтар. Тогаш семејствата и пријателите вообичаено се состануваат да вечераат и да се молат заедно. Вечерта традиционално почнува со урми и слатки, како и чаша вода или млеко. Потоа следува молитва и на крајот - заеднички оброк. Во време на „социјално дистанцирање“ такви собири се, се разбира, проблематични.

Повеќе:

Религијата во доба на коронавирус

Коронавирусот и религијата

На јавните ифтари се собираат илјадници луѓе, а понекогаш целта е и собирање пари за сиромашните и загрозените. Такви јавни собири се откажани во бројни земји. Владата во Египет ги забрани сите поголеми собири. Иран исто така масовно ги ограничува овие традиционални верски обреди. Во видео-пораката од 9 април 2020. духовниот лидер на Иран, Али Хамнеи, на Иранците им порача: „Овој Рамазан ќе мора да се откажеме од јавни собири. Тоа се однесува и на молитвите и на собирањето на ифтар.“

Saudi-Arabien Mekka | Coronavirus | Große Moschee, leer
Светилишта без аџии: Големата џамија во МекаФотографија: Getty Images/AFP/A. Ghani Bashir

„Ограничувањето на контактите е граѓанска должност“

Муслиманите во Германија исто така се подготвуваат. Влијателниот Централен совет на муслиманите смета дека почитувањето на ограничувањето на контактите не е само граѓанска должност: „Интегритетот на луѓето е во целосна согласност со нашите верувања“, рече претседателот на Советот, Ајман Мазијек за весниците од медиумската групација „Функе“.

Централниот совет на муслиманите се усогласува со Кризниот кабинет на Сојузната влада за тоа што е неопходно за здравјето на оние кои ќе постат. За Рамазан важи истото она што се однесуваше и на христијанските цркви за време на велигденските празници 2020. година: оваа година ништо не е како што беше. А, спротивно на десничарските теории на заговор на социјалните мрежи, во Германија за муслиманите нема никакви исклучоци.

Многу политичари на деснопопулистичката АфД на Фејсбук ширеа теза дека сојузната влада ќе ја задржи мерката на ограничување на контакти само неколку дена по Велигден, за да ја олабави за време на Рамазан. Исто така, повеќепати тврдеа дека ќе бидат дозволени собири во џамиите додека христијанските литургии се забранети. Факт е меѓутоа  дека богослужби, без оглед од која религија, во моментов не се вршат. Кога во берлинската џамија беше одржан собир во склоп на петочната молитва, дојде полиција и ја прекина и молитвата и собирот.

Deutschland - Aiman Mazyek, Vorsitzender Zentralrat Muslime
Ајман Мазијек, претседател на Централниот совет на муслиманите во ГерманијаФотографија: picture-alliance/NurPhoto/E. Contini

2020 година без Рамазан?

За многу муслимански заедници корона-кризата би можела да има егзистенцијални последици. Затоа што донациите за време на Рамазан се важен извор на приходи за работата на верската заедница. Централниот совет стравува дека поради тоа што ќе отпаднат донации, многу заедници ќе останат сосема затворени и по пандемијата.

Се’ уште не е јасно дали постот воопшто ќе се практикува оваа година. Различни исламски верски струи одлучуваат независно една од друга. Иранската влада сака, на пример, да ги следи советите на лекарите, наведуваат официјални ирански медиуми. И врховните авторитети на сунитското муслиманско мнозинство од египетскиот универзитет Ал-Азхар својата одлука ќе ја донесат во согласност со советите на Светската здравствена организација.

На крајот, можно е муслиманите ширум светот да завршат како милиони љубители на спортот: во 2020-та да мора да се одложат сите големи настани.