Разрешен директорот на НУБ „Свети Климент Охридски“
30 јули 2021Министерството за култура го разреши директорот на Национална и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“-Скопје,НУБ, Фремзим Даути, поради неправилости во работењето.
„Директорот Фремзим Даути се разрешува од должноста директор на поради работа која не е во согласност со закон и статут и во други случаи предвидени со закон, врз основа на член 33, став 2 од Законот за културата“, информира Министерството за култура.
Според министерката за култура, Ирена Стефоска, по повеќемесечни инспекциски надзори спроведени од страна на Министерството за култура во 2021 година, утврдени се низа сериозни неправилности во работата на директорот од аспект на Законот за културата и Законот за библиотеките.
-повеќе на темата: Она што некогаш беше НУБ „Св. Климент Охридски“ денес е руина
Врз основа на утврдената фактичка состојба констатирана при инспекциските надзори, министерката смета дека се исполнети законските услови за негово разрешување пред истекот на мандатот. До избор на нов директор, заради непречено функционирање на оваа установа, назначен е в.д. директор од редот на вработените.
Националната и универзитетска библиотека во Скопје е во катастрофална состојба. Дојче веле неодамна објави дека некогаш репрезентативното здание пропаѓа. Искршени столици, правливи маси, подови натопени од дожд кој тече од покривот, некогашната омилена библиотека во која многу генерации ги поминуваа своите студентски денови, денес изгледа како напуштен објект за кој никој не се грижи. Во оваа библиотека со години речиси ништо не функционира. Лифтот не работи, механизмот за пренесување на книгите од архивата е расипан, читалните над 10 години се затворени, а причината за ова е покривот што протекува и ги уништи скоро сите подови. Во функција се единствено една читална и компјутерска просторија, но и тие не се користат поради пандемијата на коронавирусот.
Долгогодишниот проблем на библиотека веројатно ќе останеше непознат за пошироката јавност да не беа реакциите на студентите кои случајот го пријавиле во инспекција.