1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работниците на чело на затворените фирми во Грција

Гунар Кене / Александар Методијев13 август 2013

Масовните откази во последниве години се секојдневие во Грција. Тоа создаде нов тренд во земјата. Работници во приватниот сектор, но и тие во затворената државна телевизија ЕРТ, продолжуваат самоиницијативно да работат.

https://p.dw.com/p/19A3y
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во канцеларијата на раководителот на производството сѐ уште владее голем хаос. Поминаа две години откако тој ја напушти работата заедно со другите шефови. Фабриката за градежни материјали „Виоме“ банкротираше. Работниците како Макис Анагносту одеднаш останаа на улица.

„И денес сум му уште лут на мојот поранешен газда. Но, уште полут сум на државата, бидејќи таа од пред две години не прави ништо за да ни помогне - ни цент помош. Бидејќи ние не очекуваме помош ниту од работодавачите, ниту од политичарите, па мораме судбината да ја земеме во свои раце“, вели Макис Анагносту.

Некогаш во овој комплекс се произведуваа цемент и гипс. „Виоме“ испорачувал материјали од Солун на целиот Балкан. Потоа дојде кризата и отпуштањата. Работниците не сакаа да се предадат. 30 од поранешните 80 работници продолжија да произведуваат во овој дел од фабриката. Така станаа познати и надвор од границите на Грција.

Тие и натаму веруваат во иднината на својата фирма и сакаат да излезат од мизеријата со производство на еколошки сапуни и детергенти, направени од минерални суровини. Постројката за полнење тие сами ја направија. И покрај напорната работа, не се постигнува за пристојна плата.

Thessaloniki Stadtbild Uferpromenade
Граѓаните во Солун ги поддржуваат работниците од „Виоме“ купувајќи производи од нив по пат на стокова разменаФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Schickert

„Имам три деца. Нашата финансиска ситуација е многу тешка. Понекогаш добиваме пари од моите и родителите на сопругата. За среќа жена ми уште работи. Така преживуваме“, објаснува еден од работниците на „Виоме“.

Макис Анагносту секое попладне неуморно седи на телефон и се обидува да ги продаде своите сапуни преку мрежа на симпатизери. Поддршката е голема. Пораки на солидарност пристигнуваат од целиот свет. Но, бидејќи заземањето на нивната фабрика е нелегално, инвеститорите стојат на страна, а работниците од „Виоме“ производите не смеат официјално да ги продаваат.

„Во моментов правиме многу мал профит и не можеме сите желби да си ги исполниме, но тоа е доволно за да се задржи производството. Ние наскоро мораме да добиеме легален статус на фирмата. Потоа ќе можеме да вработиме повеќе колеги и производството ќе порасне. Сакаме да произведуваме и нови продукти“, вели Анагносту.

До тогаш работниците мораат својата стока самите да ја носат кај муштериите. Граѓаните на Солун покажуваат голема солидарност. Домаќинките на пример разменуваат сапунот за прехранбени продукти.

„Ние ги поддржуваме овие работници колку што можеме. Ние им требаме. Ние тргуваме по пат на размена. А, овие средства за чистење се многу природни“, објаснува една жителка на Солун.

Griechenland Schließung staatlicher Rundfunk
Вработените во ЕРТ продолжија со програма на интернетФотографија: Reuters

Пред зградата на државната телевизија ЕРТ во Солун се случува голема забава за солидарност. Исто така и Макис Анагносту пристигна тука. Телевизијата е присилно затворена од страна на владата, а 430 вработени во Солун се отпуштени. Но, тие и натаму емитуваат програма преку интернет. Уредниците се гледаат себе си, заедно со работниците од „Виоме“, како претставници на новото движење.

„Ние станавме симбол на отпорот. Поддршката од општеството е толку голема, бидејќи ние даваме пример дека човек може судбината да ја земе во свои раце! Затоа ги повикуваме сите да дојдат тука во зградата на телевизијата, со нас да дискутираат и од нас да научат нешто. Микрофоните се отворени за сите“, вели Кристина Сиганаду, телевизиска новинарка во ЕРТ.

Следното утро работниците од „Виоме“ се на пат кон Палатата на правдата во Солун. Апелациониот суд треба да одлучи по тужбата на работниците против нивната поранешна сопственичка. На секој од нив таа му должи по околу 30.000 евра за плати. Во прва инстанца таа беше осудена на две и пол години условен затвор поради одлагање на постапка за банкрот.

Кратко потоа процесот е повторно завршен. Сѐ уште нема пари, а казната за поранешната сопственичка на фабриката дури е и намалена.

„Нејзиниот адвокат кажа дека нејзе и’ е полошо отколку нам! Пред две години таа ја остави фабриката на цедило и ние повеќе не добивме пари! И сега таа вака се прикажува и вели дека ѝ е потешко отколку што ни е нам! Сите не притискаат - и работодавачот и државата. Ако сега и судот не остави сами, тогаш не знам каде ќе заврши ова“, објаснува Анагносту.

Гневот на работниците е голем. Но, голема е и нивната решеност да продолжат да работат во својата фабрика. Сега повеќе од кога било претходно.