Работниците во Фукушима на работ на силите
31 март 2011Додека во атомската електрана Фукушима продолжуваат напорите за спречување натамошно спречување на истекувањето радиоактивна вода во морето и на копното, од фирмата која управува со нуклеарката, Тепко, се бара да ги подобри работните услови на работниците кои работат на ремонтот. Техничарите, војниците и пожарникарите според јапонскиот весник Јомиури Шинбун се на работ на силите. Тие со недели се изложени на опасната радијација во обидот да спречат нуклеарна катастрофа, не добиваат доволно јадење и не повеќе од еден ипол литар вода дневно. Според јапонската новинска агенција Кјодо, за овие работници има само два оброка дневно, кои се состојат од кекси и ориз. На почетокот добивале само сув леб. Поради зголеменото радиоактивно зрачење околу Фукушима, дотурот на прехранбени производи се одвива само одвреме-навреме.
Соочување со реалноста
И во погодените области на северниот дел од земјата состојбата не е подобрена. Преживеаните од цунамито од пред околу три недели ги пребаруваат урнатините на своите куќи барајќи тела на блиските и вредни предмети. Во Рикуцентака, во провинцијата Ивате, северно од Фукушима, 75 проценти од куќите се целосно уништени. Загинаа 40 проценти од граѓаните. Меѓу преживеаните е Јутака Сузуки:
„Не верувам дека наскоро состојбата многу ќе се подобри, но секој мора да помогне, за да оди побрзо“.
Еики Хамада останал без најголемиот дел од своите роднини и пријатели:
„Она што се случи е сурова реалност. Не смее да се мисли на минатото, единствено останува да се гледа во иднината“.
Илјадници во принудни сместувалишта
Бројот на загинати официјално е над 11 илјади. Повеќе од 16 илјади луѓе се водат за исчезнати. Околу 4 илјади тела најдени во префектурата Мијаги уште не се идентификувани.
Повеќе од 200 илјади жители на брегот се без покрив на главата и со недели живеат во принудни сместувалишта.
Автор: Бернд Муш Боровска/ Жана Ацеска
Редактор: Симе Недевски