1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работните акции се враќаат

Милчо Јованоски8 јуни 2012

Со распадот на поранешна Југославија згаснаа и младинските акции. Акцијаштвото сега преку волонтеризмот се враќа на сцена. Во Охрид ќе се формира првиот акцијашки клуб во Македонија, а во регионот веќе постојат неколку.

https://p.dw.com/p/15AQA
Фотографија: picture-alliance/dpa

По две децении војни, омраза и поделби на просторот на поранешна Југославија, тие што со љубов ја граделе својата некогашна земја, пак ги бараат патиштата за идни дружби.

Ако некогаш беше братството и единството, денес тоа може да се вика меѓусоседско дружење и соработка. Дванаесет години бев акцијаш и со стотици млади од Охрид ја градевме некогашната заедничка држава, вели Зоран Стевоски:

„Учевме да почитуваме и баравме да бидеме почитувани. Градевме капитални објекти, но се градевме како личности. Сакаме да вратиме некои вредности. Чувствуваме дека во нашето општество завладеа комплетна ерозија на моралот, форсирање на насилството. Криминалците станаа херои, а пороците ги надвладеаjа младите.“

Без тажни мисли, негативна енергија и без политика

Доброволните акции беа симбол на младите генрации во минатото. На пример, во далечните 1984 и 1985 во Охрид се одвиваше акцијата „Брег на младоста“. Ќе се формира здружение кое ќе го носи истото име:

„Во пристапницата е забележано дека на членовите им е забрането да внесуваат тажни мисли, негативна енергија и политика.“

Zoran Stevoski
Зоран СтевоскиФотографија: DW/Jovanoski

Идејата за возобнова на акцијаштвото  врз други основи се родила во близина на Кикинда - Војводина и прераснува  во движење.

„Потоа се формираа здруженија во Зрењанин, Белград, Зеница, Бања Лука и насекаде низ просторите на поранешната земја. Претставнци на дел од нив очекуваме на 9 јуни во Охрид, на нашето Основачко собрание, да ни се придружат и да ни ги пренесат своите искуства“, открива Зоран.

Акцијаштво во екс Југославија и волонтеризмот на Запад

Во поранешна Југославија секое лето околу педесет илјади млади луѓе граделе патишта, водоводи, пруги и други капитални објекти. За некој непромислено да ги урне. Да ги прашаа акцијашите сигурно немаше да дојде до тоа, со жалење констатира Зоран и вели дека тој и неговите пријатели ќе се трудат да го отфрлат епитетот југоносталгичари, туку дека ќе ги промовираат вредностите кои Западот ги презел од поранешната држава:

„Младински акции, но под друго име - волонтерски, најмногу има во САД. Ги измисливме ние,  а ги прифатија и земјите од Запад. И мислам дека постои можност волонтерските кампови да успеат и во Македонија. Само на таков начин младите можат да се насочат, а интересот да си го најдат и локалната власт и државата.“

NO FLASH Symbolbild Menschenhandel Freizügigkeit EU Zwangsarbeit Europa
Фотографија: picture-alliance/dpa

Меѓународен волонтерски камп во Охрид

За идното лето се планира Младински камп во Охрид:

„Младите, покрај тоа што ќе создаваат нешто со сопствени раце, ќе можат да се докажуваат на сите полиња - во спортот, културата и информирањето, за она за што имаат талент и да ја покажат својата креативност“, вели Зоран Стевоски.

Охрид е првиот град во Македонија во којшто се поттикнува младинскиот волонтеризам. Лани млади од поранешна Југославија заеднички работеле во Врњачка Бања во Србија, а летово ќе се сретнат во Зеница, во Босна и Херцеговина. Тоа е доказ дека волонтеризмот може да заживее во регионот. И додека некои на идејата гледаат како на утопија, Зоран и неговите пријтели задоволно велат дека за еден месец имаат над 200 членови на Фејсбук страницата. До крајот на годината се оптимисити дека ќе имаат околу 1000 членови во здружението. Поранешните акцијаши сега секој на својот јазик ја раскажуваат некогашната приказна пишувајќи, поздравувајќи се и прикажувајќи им на своите деца и внуци, за сопствениот ангажман и за понекоја акцијашка љубов од младоста.