Пјонгјанг повторно го вознемири светот
5 април 2009Неосврнувајќи се на предупредувањата од меѓународната заедница, Северна Кореја лансираше ракета од голем дострел и повторно ги зголеми тензиите во регионот. Ракетата, која ја прелетала Јапонија, навистина пренесувала телекомуникациски сателит, како што тврди Пјонгјанг, меѓутоа како што соопшти американската армија не успеала да стигне до орбитата на Земјата. И покрај тоа САД, Јапонија, Јужна Кореја и ЕУ го осудија лансирањето на северно-корејската ракета од типот „Таеподонг 2“.
„ Екстремно жалиме што Северна Кореја навистина го спроведе ракетниот тест кој го најави. Јапонија ќе вложи остар протест за тоа “, изјави претставникот на јапонската влада, Кавамура.
Русија и Кина бараат смиреност од сите страни
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун изјави дека лансирањето на ракетата од долг дострел од страна на Северна Кореја не помага во напорети да се обезбеди мир и стабилност во регионот. Тој го повика Пјонгјанг да ги почитува резолуциите на Советот за безбедност на ОН, со кои на Северна Кореја и е забрането да лансира ракети од голем дострел. Русија и Кина апелираа за смиреност и ги повикаа сите страни да се воздржат од активности, кои можеле да предизвикаат ескалација на тензиите на корејскиот полуостров.
Американскиот претседател Барак Обама претпладнево во Прага порача дека Северна Кореја ги прекршила правилата и оти сега е време за остар одговор на меѓународната заедница.
Автор: С.Н/ДВ/АП
Редактор: Жана Ацеска