1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин си оди за да остане

Коментар на Александер Варкентин2 октомври 2007

Рускиот претседател, Владимир Путин не исклучи можност да го преземе раководењето со идната влада во земјата. Дали на тој начин шпекулациите за наследник на Путин на врвот на државата се завршени или не?

https://p.dw.com/p/BlwB
Владимир ПутинФотографија: AP

„Кој е мистер Путин?“ Еден од одговорите гласи: тој е вистински мајстор на правење магла, замрачување, свртување на вниманието на друга страна и дезинформирање. Со месеци ги принудува неговите потчинети на дискусии околу неговиот наследник. Ту тое треба да биде остриот вице-премиер Сергеј Иванов, ту мекиот вице-премиер Дмитри Медведев. Следуваат други кандидатури. Со месеци Владимир Путин дава уверување дека му е апсолутно верен на уставот. А, рускиот устав му пропишува по два мандати како претседател во март наредната година да се заблагодари. Неговиот рејтинг расте. Различни истражувања на јавното мислење покажуваат дека 75 до 80% од Русите сакаат на врвот на државата да се задржи Владимир Путин. Како би се одвивал натаму животот во Русија без Владимир Путин?

И, сега доаѓа решавачката порака – Путин си оди за да остане. Тој останува непартиски врзан, но подготвен е да стои на првото место на листата на партијата „Единствена Русија“ за парламентарните избори во декември. Тој смета дека е реално потоа да ја преземе премиерската функција. Но, тоа под два услови - прво, партијата „Единствена Русија“ мора да постигне убедлива победа. Второ, за кандидат за претседател мора да се избере “пристоен, способен, ефективен и модерен кандидат“, со кого Путин би соработувал.

Каков театар на замачкување. Партијата „Единствена Русија“ создадена од Путни воопшто нема програма, освен слепата верност кон Владимир Путин. Нејзиното изборно мото гласи: „Планот на Путин е пат до победа“. Никој не прашува како изгледа овој план, сите знаат што значи победа – корумпираната државна бирократија останува на власт и до изворите на финансии. „Транспаренси Интернешнл“ ја позиционира Русија на 143-то место, веднаш до Сирија, Индонезија и Република Того. А, „пристојниот, способниот и модерен“ претседател со кој Путин заедно ќе може да работи, ќе биде определен од Владимир Путин лично.

Досега руската влада беше техничка институција. Сите важни решенија беа носени од страна на претседателската администрација. Во иднина улогите би можеле да бидат променети. Тоа во руската политика која веќе долго е виртуелна, е можно. Виртуелни пратеници седат во виртуелниот парламент, кој според една добра изјава на претседателот на парламентот „не е место за дискусија“. Виртуелни партии настапуваат во виртуелна изборна борба, чиј резултат е веќе определен од страна на Кремљ. Се‘ е виртуелно, реални се само милиајрдите долари од бизнисот со нафта и гас.

Значи, Путин си оди за да остане? И, ова не е сигурно. На прашањето „Кој е мистер Путин?“ рускиот автор Виктор Пелевин уште во 2004 година даде одговор во неговиот роман „Светата книга на волците“, кој гласи: тој е волшебник чија задача е од мајка Русија да исцрпи онолку нафта колку што е можно. Помалку драстично изразено во зборови – Владимир Путин е едноставно среќник. За неговата неограничена моќ и популарноста тој единствено може да им благодари на високите светски цени на енергијата. Доколку цените паднат, царот ќе остане со празни раце. А, тоа вистинскиот мајстор на замаглување, замрачување, свртување внимание и дезинформирање нема да го дозволи.