1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Публиката ни е ориентир во работата“

Јоханес Хофман / Превод: Зоран Јордановски23 април 2013

На 03.05.1953 Дојче веле ја емитуваше својата прва емисија. Каде е денес, 60 години потоа, мултимедијалната куќа со програма за странство? Што е исто, што се промени од темел? Прашања за Ерик Бетерман, интендант на ДВ.

https://p.dw.com/p/18LDg
Фотографија: DW

Што му даде најголем белег на ДВ во 12-те години во кои го предводевте, годините од новиот милениум?

Ерик Бетерман: Политички несмомнено тоа беа настаните од 11 септември 2001 година и далекусежните последици од нив. На само неколку дена пред да ја преземам функцијата на интендант, ми се потврди каква вредност има Дојче веле за нашата земја, колку е важно да бидеш слушан со свој сопствен глас. Покрај ова, белег секако даде и рапидниот технички развој, кој ја револуционизира комуникацијата во светот - продукцијата и емитувањето на медиумски понуди, како и однесувањето на нивните корисници, кое значително се промени.

Осум години по крајот на Втората светска војна ДВ доби задача да работи врз релаксирање на односите и да го придружува враќањето на Германија во меѓународната заедница. Што е задача на ДВ денес, 60 години откако почна со емитувањето?

И тогаш, а и денес задача на ДВ е да пренесе слика за Германија и нејзините вредности. ДВ треба „да придонесе Германија да биде сфатена како европски формирана културна нација и слободарски уредена демократска правна држава“, се вели во Законот за ДВ од 2005 година. Тој ја модернизира и прошири нашата програмска задача. Со новинарски понуди на повеќе јазици и со Академијата, ние денес сме платформа за културен дијалог и нудиме форум за германски и други гледишта. Поради тоа, ние се сфаќаме себе си како глас на слободата и на човековите права. Згора на тоа, ние го поддржуваме и унапредуваме и германскиот јазик, што исто така спаѓа во нашите задачи.

Што значи ова во однос на новинарските понуди?

Ние сакаме да и’ се обраќаме на публиката ширум светот со содржини што новинарски ги подготвуваме на 30 јазици. Законската задача и себесфаќањето на ДВ ги даваат рамките за работата на нашите редакции. Во работењето секогаш се ориентираме и според очекувањата на гледачите, слушателите и корисниците на интернет. Во различните региони на светот и различните јазици, ним мораме да им се обраќаме колку што е можно подиференцирано. Со оглед на техничкиот развој и промените на однесувањето на корисниците, тоа е постојан процес на прилагодување. Затоа долги години емитувавме на кратки бранови, изградивме сателитска телевизија, рано почнавме со користење на интернет и денес работиме како мултимедијално претпријатие, затоа ги регионализираме нашите содржини колку што е можно повеќе. Од пред една година емитуваме на шест регионализирани телевизиски канали информации на германски, англиски, шпански и арапски јазик. На повеќе други јазици произведуваме телевизиски магазини за партнерски телевизиски станици  во целиот свет. Во нашите онлајн-активности денес само по себе разбирливо спаѓаат и социјалните медиуми, како и понудите за мобилни апарати.

Законски утврдени задачи, државно финансирање - и сепак 60 години новинарски независно. Како можеше во такви услови  ДВ да се етаблира како веродостоен глас?

Како јавно-правна, буџетски финансирана медиумска куќа со програма за странство, ние имаме една решавачка предност на меѓународниот пазар на информации: ги уживаме слободите и заштитата од членот 5 на Основниот закон (германскиот устав, н.з.), како и сите медиуми со програма за домашниот пазар. Затоа нема никаква противречност меѓу законски утврдената задача и нашето финансирање со средства од државниот буџет од една, и нашата новинарска независност од друга страна. Со добро новинарство, со постојано урамнотежено претставување на нашата земја, ДВ во изминатите децении се избори за репутацијата на веродостоен, сигурен извор на информации. За тоа придонесува и фактот дека ние постојано им даваме гласност на оние, кои се угнетувани во сопствената земја. Луѓето ни веруваат. Тоа е најголема вредност за медиумска куќа која дејствува интернационално.

Дали е тоа причината што се толку популарни во светот понудите на Академијата на ДВ?

Од пред речиси 50 години ние го помагаме развојот на слободни, транспарентни медиумски системи ширум светот. Притоа најважен партнер ни е Сојузното министерство за економска соработка и развој. Ние заеднички ги јакнеме новинарскиот квалитет и медиумската компетентност во земјите во развој и земјите во трансформација. Притоа станува збор за повеќе, отколку само обучување и доусовршување на новинари. Во прашање е пренесување стратегии за економски опстанок на медиумски институции, отворање пристап до информации за запоставени групи од населението. Повеќе пати поддржувавме поранешни државни медиумски куќи во нивната трансформација во јавно-правни структури, во најново време, покрај другото, и во Република Молдавија. Интересирањето е толку големо, што ние ни од далеку не можеме да ги исполниме сите желби. Сега три илјади луѓе од медиумите годишно учествуваат во нашите програми за доусовршување. Ние акцент ставаме врз присуство на лице место, како и врз долгорочен ангажман. Нашите мастер-студии „Интернешенел медиа стадис“им нудат на нашите партнери дополнителна можност за доквалификување.  Академијата на ДВ е водечка германска организација за меѓународен медиумски развој.

Дојче веле се разви од радио станица која емитува на кратки бранови во мултимедијално претпријатие - нужност диктирана од промените?

Условите за меѓународното радио и глобалната комуникација драматично се променија од 1953 година. Радиска куќа која не се поставува континуирано и флексибилно спрема тие предизвици, брзо го губи чекорот. Ние многу рано се определивме за дигитална продукција и емитување. Ние бевме првата јавно-правна радио-телевизиска куќа која отвори своја страница во интернет. Ние бевме предводник во трансформацијата кон мултимедијално работење. Оние, кои денес кај нас стажираат, се фит на сите полиња: пред камера, на микрофон и онлајн. Социјалните мрежи во нашите 30 редакции на исто толку јазици одамна се новинарско секојдневие.