Противниците на Мубарак подготвуваат нови големи протести
31 јануари 2011Масовни демонстрации со еден милион учесници би требало уште ова недела да го принудат претседателот Хосни Мубарак да поднесе оставка, планира опозицијата. Сојуз од повеќе опозициони групи за утре (01.02) повика на досега најголемата протестна акција на централниот плоштад во Каиро. Во коалицијата доминира Младинското движење, но и забранетото Муслиманско братство. За денеска сојузот повика на генерален штрајк, впрочем голем број продавници, училишта и банки во Каиро секако беа затворени, поради големиот број кражби извршени деновиве. На централниот плоштад, опколен со бодликава жица, повторно се собираат демонстранти, а на улиците може повторно да се види и полиција.
Демонстрантите, инаку, најавија дека нема да се откажат.
„Животот не смее да се нормализира се’ додека Мубарак не си замине“, вели еден од организаторите, Исраа Абдел Фатах. И носителот на Нобеловата награда за мир, Мохамед ел Барадеј со слично гледиште во изјавата за БиБиСи: „Мислам дека сите треба да сфатат оти се’ ќе заврши дури тогаш, кога Мубарак ќе замине и ако постигнеме согласност за влада на национално единство и армијата ја врати контролата врз улиците.“
Мубарак подготвен за дијалог?!
Претседателот Хосни Мубарак, кој на власт во Египет е три децении, вчеравечер изрази подготвеност „за дијалог со сите партии“. Мубарак изјави дека се залага за „опсежни“ чекори за реформа на политичкиот систем и уставот. Освен тоа, од новиот премиер, кој е на функција од саботата, побара „одлучно“ да се бори против корупцијата и да ја поврати довербата во стопанството. Мубарак од новата влада побара и да го врати редот во земјата. Египетскиот премиер во меѓувреме изврши реконструкција на владата.
Освен внатрешниот, расте и надворешниот притисок
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун порача: „Вее ветрот на промени. Африка се движи“. Германската канцеларка Ангела Меркел побара од Мубарак без насилство да го разреши политичкиот конфликт, додека американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон се заложи за „ненасилен премин кон демократијата“.
Освен дипломатсктие пораки, се’ повеќе земји им советуваат на своите граѓани да не патуваат во Египет или ако се таму, да ја напуштат земјата. На меѓународниот аеродром во Каиро, во меѓувреме, се формираат се’ подолги редици. Патниците чекаат со часови, оти многу летови се откажани или доцнат. Покрај туристите, се евакуираат и странците кои работот во Египет. Меѓу нив и овој Германец: „Нашата фирма одлучи да ги евакуираме сите соработници, и затоа чекаме овде за да полетаме дома.“
Автор: АТ/ ЖА/ дпа/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска