Протестот станува глобален
15 октомври 2011Во голем број германски градови денеска илјадинци луѓе протестираат против моќта на финансиските пазари. Во Франкфурт на Мајна околу 5.000 луѓе му се приклучија на протестниот марш пред седиштето на Европската централна банка. Во Минхен демонстрантите протестираа против девијациите на капитализмот и неправедноста во финансискиот систем. Повеќе стотици демонстранти во центарот на Келн пак протестираа под мотото „Вистинска демократија - сега!“. Демонстрантите во Берлин денеска протестираат и пред германската влада и на плоштадот Александар плац. Како дел од светскиот протест против финансискиот и во голем дел банкарскиот систем, во Германија беа најавени демонстрации во повеќе од 50 градови.
Во Велика Британија, активистите најавија „окупација“ на лондонската берза.
На протестите во Рим пак дојде до судири. Група демонстранти кои се одвоија од протестите, фрлаа со камења по излозите и палеа автомобили. Во центарот на градот се издига црн облак чад. Во италијанскиот главен град се очекува учество на 100.000 демонстранти.
И во Азиско-пацифичкиот регион денеска повеќе илјади луѓе протестираат против моќта на банките. На почетокот на демонстрациите за поправеден финансиски систем, во Нов Зеланд и во Австралија се собраа илјадници луѓе. Во Сиднеј демонстрантите носеа транспаренти со натписи како „Парите не можат да се јадат“. Во главниот јапонски град Токио исто така се одржаа демонстрации. На Филипините во главниот град Манила демонстрантите протестираа пред американската амбасада. Во Јужна Кореја активистите протестираа во финансискиот кварт на Сеул.
Во Канада планирани се протести во Монтреал и Ванкувер. Во Торонто, демонстрантите ќе се соберат пред тамошната берза.
Протестите се одржуваат во повеќе од 1.000 градови. Протестното движење, меѓу другото ги обвинува и финансиските пазари дека со нивното однесување на милиони луѓе им носат сиромаштија.
Движењето „Окупирајте го Вол стрит“ заживеа пред еден месец како мало протестно движење во Њујорк. Оттогаш шурум светот мобилизираше илјадници луѓе.
Автор: АТ/ дпа/ афп/ дпад/ дв
Редактор: Горан Чутаноски