1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестен марш на СДСМ во Скопје

5 декември 2010

Најголемата опозициска партија во Македонија денеска организира протестен марш под мотото „Доста е! Избори се за иднината“. Власта порача дека нема да биде вовлечена во сценаријата и контрукциите на опозицијата.

https://p.dw.com/p/QQ21
Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, им се обрати на учесниците во протестниот маршФотографија: MIA

Сенародниот марш започна од скопската населба Карпош 3, низ улицата Партизански одреди и со крајна дестинација пред градата на Парламентот, каде лидерите на СДСМ испратија порака дека актуелната влада треба да си замине:

„Овој марш покажа дека Македонија е горда и чекореше за својата иднина“, изјави лидерот Бранко Црвенковски.

„Не се помируваме со бедата и сиромаштијата“, порача Црвенковски, при тоа додавајќи дека најголемите криминалци во земјаtа се покажуваат како демократи.

Според лидерот на СДСМ, Македонија трпи порази на секое поле, а актуелната власт свесно и смислено го подели целиот народ. Црвенковски рече дека Груевски врши притисок врз сите институции, со цел да се спроведуваат неговите политики.

Зоран Заев, пак, за Дојче веле истакна:

„Денеска СДСМ, со сите оние кои излегоа на протестот, ќе поднесе иницијатива за распуштање на парламентот, пропратена со иницијатива за формирање собраниска комисија за прочистување на избирачкиот список и истовремено отпочнување постапка за промена на изборниот законик, како услов за распуштање на парламентот. Се надеваме дека власта ќе ја прифати иницијативата, заради тоа што во ќорсокакот до кој сме дојдени, мора народот да одлучи како понатаму“.

ВМРО-ДПМНЕ во протестот гледа само обид за дефокусирање на јавноста

VMRO DPMNE Gebäude in Mazedonien
Во ВМРО-ДПМНЕ (на сликата е седиштето на партијата) обвинуваат за конструкции на опозицијатаФотографија: Petar Stojanovski

Опозицијата тврди дека граѓаните се незадоволни од политиките на актуелната влада, за која сметаат дека масовно ги осиромашила и го загрозила угледот на земјата. На маршот се присутни граѓани од повеќе градови. Во анкетата на Дојче Веле велат дека се незадоволни од тешката сиромаштија. Бараат премиерот Никола Груевски да поднесе оставка и земјата да ја предводи нова влада.

Инаку власта во пресрет на протестниот марш предупреди дека опозицијата подготвувала разни сценарија, во кои таа нема намера да биде вовлечена. Во протестот ВМРО-ДПМНЕ гледа обид за дефокусирање на јавноста од аферата „Надеж“, во која бил вмешан лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, како и одвлекување на вниманието од инспекциските контроли на фирмите сместени на „Перо Наков“ бб. Откако објави битка за предвремени избори, ова е трет протестен собир на опозициската СДСМ. Претходните два се одржаа во Штип и во Прилеп.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема