1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проруските социјалисти водат во Молдавија

ЕМФ /агенции
25 февруари 2019

Граѓаните на Молдавија на вчерашните парламентарни избори избираа помеѓу приближување кон ЕУ или кон Русија. Проруските социјалисти, според неофицијалните резултати, се во водство.

https://p.dw.com/p/3E2XD
Republik Moldau Parlamentswahlen 2019 | Stimmenauszählung in Chisinau
Фотографија: Reuters/V. Culiomza

Социјалистичката партија е во водство по вчера одржаните парламентарни избори во Молдавија. По пребројувањето на речис сите гласови, проруски ориентираната партија на претседателот Игор Додон има освоено повеќе од 31% од гласовите, соопшти Изборната комисија во Кишињев. Проевропскиот сојуз Акум е на второ место со освоени 26% од гласовите. На трето место, со освоени 24% гласови, е партијата која досега владееше во Молдавија - Демократската партија на олигархот Влад Плахотниук.

Во парламентот со 8,5% освоени гласови успеа да влезе и партијата на бизнисменот Илан Шор, осуден поради измама тешка милијарди евра.

Според неофицијалните резултати, ниту една од трите најсилни партии нема апсолутно мнозинство во парламентот во Кишињев. Изборната комисија ќе ги соопшти официјалните резултати денеска.

Со оглед на тесниот исход од изборите, претставниците на трите најсилни партии се обвинуваат меѓусебно за изборна измама. „Овие избори ниту беа фер, ниту пак коректни или демократски“, изјави претставничката на Акум, Маја Санду. Претседателот Додон и олигархот Плахотниук се обвинуваат меѓусебно за купување гласови.

Republik Moldau Parlamentswahlen 2019
Избирачите одлучуваа и за насоката во која ќе се движи Молдавија во иднина - повеќе кон ЕУ или кон Русија?Фотографија: picture-alliance/TASS/M. Yegikov

Андреј Настасе од Акум ѝ префрли на владеачката партија дека поткупувала гласачи и ги превезувала со автобуси до избирачките места. Заменикот престедател на партијата на Плахотниук, Владимир Шеботар, ја обвини Социјалистичката партија дека им нудела пари на жителите на Транснистрија. Демократската и Социјалистичката партија најавија приговори до Изборната комисија.

Повеќе:

Република Молдавија: Еден век поделеност

Фотографија на денот: Чевлите на иселените од Молдавија

Молдавските напуштени деца: „Мајка ми ја немам видено две или три години“

Со изборот на пратеници гласачите во Молдавија одлучуваа и за прашањето во која насока ќе се движи поранешната советска република - повеќе во правец на ЕУ или ќе ги зацврстува своите односи со Русија. Русија во сепаратистичкиот молдавски регион Транснистрија со години има стационирано трупи и одбива да се повлече и покрај барањето на Обединетите нации.

Молдавија со своите 3,5 милиони жители е една од најсиромашните земји во Европа. Според Светска банка, просечниот приход по глава на жител е четири пати помал од оној во соседна Романија.