1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува македонско-грчкото соочување во Хаг

22 март 2011

Пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг денеска продолжува усната расправа, односно презентацијата на македонските аргументи во спорот против Грција поради блокирањето на влезот на земјата во НАТО под референцата ФИРОМ

https://p.dw.com/p/RBKA
Јавната расправа во Меѓународниот суд на правдата ќе трае до 30 мартФотографија: MIA

На првото рочиште вчера (21.03), македонскиот министер за надворешни работи и застапник на Македонија пред Меѓународниот суд на правдата Антонио Милошоски истакна дека случајот е едноставен и јасен оти договорите мора да се почитуваат.

„Тужената страна приговори на нашето членство во НАТО, потпирајќи се на причини кои не се дозволени според Времената спогодба. Тужената страна се обидува случајот да го направи комплексен, изнесувајќи серија на нерелевантни или неточни тврдења, како и нови правни и фактички тврдења кои не биле покренати пред април 2008 година. Аргументите на тужената страна се чини имаат за цел да затскријат експлицитно прекршување на експлицитна обврска која произлегува во Времената спогодба“, рече Милошоски.

Потенцирајќи дека е ова прво појавување на Македонија како странка во Судот во Хаг, тој појасни дека со тужбата се бара од Грција да се придржува кон клучните обврски од Времената спогодба, односно членот 11, според кој таа нема да го попречува зачленувањето на државата во меѓународни организации под привремената референца во кои таа е членка.
Од Судот се бара и да им помогне на двете страни да се вратат во рамките на системот воспоставан со Времената спогодба.

Ова, рече Милошоски, „ќе ни‘ овозможи да ги продолжиме нашите активности за зачленување во НАТО и Европската унија, цел за која се определивме уште од 1993 година и која е од огромно значење за внатрешната стабилност на македонското мултиетничко демократско општество, но и за регионот“.

„Немавме друг избор“

Грција, според него, се повикува на четири клучни аргументи во однос на тужбата, а тоа се дека Република Македонија не треба да го користи уставното име во меѓународни организации, дека привремената референца е „привремено име“ на државата, оти македонската страна е таа која ја прекршила Времената спогодба. Воедно, вели тој, упорно погрешно го толкува барањето на македонската страна инсистирајќи на тоа дека во предметот се работи за однесувањето на НАТО, врз што Судот нема надлежност, и погрешно го толкува членот 22 од Времената спогодба:

Der mazedonische Außenminister bei der Anhörung zum Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland
Министерот за надворешни работи и застапник на Македонија пред Меѓународниот суд на правдата Антонио МилошоскиФотографија: MIA

„Нашата одлука да го иницираме спорот пред Судот не беше донесена лесно. Сепак немавме друг избор. Доколку тужената страна навистина верува оти ние сме ја прекршиле ВС таа можеше да покрене постапка против нас според членот 21 од ВС и да се повика на други меѓународни договори, но не стори ништо од тоа. Наместо тоа, ги зеде работите во свои раце и дејствуваше вон правото. Бараме од Судот да и‘ наложи на тужената страна да ги исполни своите обврски кои произлегуваат од овој исклучително важен билатерален инструмент, рече Милошоски.

Однесувањето на Грција во 2007 и 2008 година

Професорот Филип Сендс, кој е дел од македонскиот тим, во своето излагање се осврна на околностите кои доведоа до склучување на Времената спогодба, која како што рече, е срцето на овој судски предмет. Тој укажа на нејзината непречена примена до 2008 година, и особено се задржа на однесувањето на Грција во 2007 и 2008 година како исклучително важни за овој процес. На јавната расправа се обратија и проф. Шон Марфи и Пјер Клајн, кои се фокусираа на тоа дали однесувањето на Грција во периодот 2007 – 2008 година било во согласност со Времената спогодба, односно како тоа ја попречило поканата за членство на Република Македонија во НАТО. Марфи нагласи дека од 1995 година до 2007. Грција не се противела на пристапувањето на Македонија кон Партнерството за мир и Акцискиот план за членство, како програми за соработка на земјата со Алијансата и исполнување на критериумите за членство. Во втората половина на 2007 и почетокот на 2008, рече Марфи, Грција почна жестока и систематска кампања против членството на Македонија единствено затоа што не беше решено прашањето за името. Овој доказ, спроед Марфи, произлегува од пишаната и усна дипломатска комуникација и од изјавите на високи официјални претставници соопштени јавно од владините институции.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen
Грчката страна своите контрааргументи ќе ги изложи на 24 и 25 мартФотографија: AP/DW Fotomontage

По презентацијата на македонските аргументи, грчката страна своите контрааргументи ќе ги изложи на 24 и 25 март. Во втората фаза, на 28 март, тимот што ќе ја претставува Македонија ќе има можност да одговори усно на одбраната на Грција, а јавната расправа ќе биде заокружена на 30 март, со завршниот збор на грчката страна.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Симе Недевски