1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува животот за чилеанските рудари

16 октомври 2010

Животот на рударите кои минаа 69 дена заробени во рудникот во Чиле се нормализира. Заклучно со денеска болницата ја напуштиле 31 од вкупно 33 рудари, откако докторите им дадоа дозвола да продолжат со нормалниот живот.

https://p.dw.com/p/Pfec
Спасените рудари со чилеанскиот претседател Себастијан ПињераФотографија: AP

Болнички извори соопштија дека само двајца рудари биле задржани на дополнително лекување, еден заради стоматолошка операција, а вториот бил задржан на дополнително испитување поради вртоглавица.

Во петокот вечерта, 28 рудари биле тајно отпуштени од регионалната болница во градот Копиапо каде беа на лекување претходните два дена, за да се избегнат евентуалните средби со новинарите, кои во огромен број кампуваа пред болничката зграда.

Рударите сега се соочуваат со комплексен пресврт во нивните животи, откако по 69-те дена минати во рудникот, одеднаш се здобија со светска слава и баснословни понуди од најразлични страни.

Mann mit Bild der 33 geretteten Kumpels vom Grubenunglück in Chile
Рударите станаа инстант звезди во Чиле, но и во целиот светФотографија: AP

Во Копиапо вчера беше организирана голема забава за четворица од рударите. Се точеше шампањ и се славеше до доцна во ноќта. Еден од преживеаните, Едисон Пена обидувајќи се да се пробие низ масата луѓе на излез од болницата, изјави: „Ние не сме поп звезди, ние сме само обични луѓе“.

Почнува „новиот живот“

Но, прашање е дали рударите ќе можат да го продолжат животот како обични луѓе. Пред нив е можноста да ги претворат очајот и стравот од деновите минати во рудникот во огромен профит, можеби и во богатство за кое не ни сонувале, доколку се остварат проценките за огромните понуди за откуп на нивните приказни од книгоиздателствата и холивудските продуценти.

До нив веќе стигнаа безброј понуди за одмор и посети. Изборот им е неограничен, од одмор на некој од грчките острови, до посета на водечките европските фудбалски клубови, или, како во случајот на Пена, посета на имотот на Елвис Присли во Грејсленд. Но лузните од 69-дневниот престој во 700-метри длабоката дупка не зацелуваат брзо.

„Заточеништвото беше ужасно. Првите 17 дена беа ноќна мора. Потоа се се промени. Но најтешкото беше да се остане таму, закопан цели два месеци“, раскажува Пена.

„Ја чекавме смртта“

Најстрашно било чувството дека ќе умрат во рудникот, а кај дел од рударите се појавил страв и од канибализам.

„Ја чекавме смртта. Едноставно пропаѓавме. Бевме толку ослабени. Јас ослабев околу 12 килограми. Откако не најдоа почнавме и да се шегуваме за некои нешта, но дури откако пристигна помошта“, изјави Ричард Виљароел.

Zur Rettung der Kumpels verwendete Kapsel beim Grubenunglück in Chile
Капсулата со која беа извлекувани рударитеФотографија: AP

Долгите години на анонимност за рударите сега се минато. Во Чиле нивните имиња ги знаат сите, а понуди за интервјуа пристигнуваат од целиот свет. Нивните роднини раскажуваат дека за време на престојот во јамата, рударите се договориле да го делат на еднакви делови евентуалното богатство кое ќе го заработат продавајќи ги своите приказни. Сестрата на рударот Клаудио Јанез вели дека нејзиниот брат ќе бара околу 40 илјади долари за едно интервју.

Сепак, првата следна станица за сите нив повторно ќе биде рудникот Сан Хозе. За утре на платото, популарно наречено „Кампот надеж“, пред дупката низ кој без извлечени рудари закажана е голема забава. Чилеанскиот претседател Себастијан Пињера веќе предложи „кампот“ да биде претворен во меморијален центар или музеј. Сувенири секако нема да недостасуваат, почнувајќи од капсулата со која беа извлекувани на површината, па се’ до очилата за сонце од марката „Оукли“ кои беа дел од опремата на рударите.

Автор: БГ/афп/

Редактор: