1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проди ја повлекува кандидатурата

ЖА/дв/афп/дпа/ртре20 април 2013

Италија се‘ уште не избра претседател на државата. Екс-премиерот Романо Проди, кандидатот на Левиот сојуз, не го доби потребното мнозинство ниту во четвртиот круг гласање, па најави повлекување. Исто како и Берсани.

https://p.dw.com/p/18Jng
Фотографија: REUTERS

Вчера не успеа гласањето за Романо Проди, поранешен италијански премиер и некогашен претседател на Европската комисија во Брисел. Проди не беше избран откако многу пратеници од Демократската партија на Берсани, кој го предложи поранешниот премиер за нов претседател, му го свртија грбот на својот лидер и гласаа против неговиот кандидат. Синоќа, по неизгласувањето, Проди изјави дека нема повеќе да се кандидира. Задачата која му ја доделија Левите е чест за него, но веќе не постојат „потребните претпоставки“, истакна тој.

По два неуспеси заминува и Берсани

Лидерот на италијанската центристичко-левичарска алијанса Пјер Луиџи Берсани изјави дека ќе се повлече од функцијата откако Парламентот во Рим ќе го избере новиот претседател на Италија. Веста за повлекувањето Берсани ја соопштил во седиштето на неговата Демократска партија, објаснувајќи го тоа со големиот број пратеници од Алијансата на левиот центар кои на двапати одбија да го поддржат кандидатот за италијански претседател, што тој го предложи.

Italien Präsidentschaftswahl Parlament Rome
Фотографија: REUTERS

Во четвртокот, поранешниот претседател на Сенатот Франко Марини не ги доби потребните две-третини од гласовите за да биде избран за претседател на Италија, иако за него гласаа и пратениците на десниот центар и на блокот на Силвио Берлускони, само поради „нелојалноста“ на пратениците од Демократската партија.

Политичка пат-позиција

Италијанскиот претседател се избира со тајно гласање во Парламентот, а за него гласаат сите членови на Долниот дом, на Сенатот и претставници на регионалните власти. Седумгодишниот мандат на актуелниот претседател Џорџо Наполитано истекува на 15 мај. Според Уставот на земјата, претседателот има церемонијална функција, но во сегашниот политички ќор-сокак во кој се наоѓа земјата по парламентарните избори, на кои ниту една партија не обезбеди доволно гласови за да формира влада, новиот претседател ќе може да ја разреши кризата. Тој ќе може да помогне за формирање коалиција или одново технократска влада или пак да распише нови избори. Наполитано пред крајот на својот мандат не може да побара одржување нови избори во земјата.