1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблем не се законите, туку примената

8 март 2010

Македонската жена меѓу кариерата и домот, традицијата и модерното време. Дали и колку правилата на игра во секојдневието и‘ овозможуваат остварување на правата? Законите ја штитат, но тие не се спроведуваат доволно.

https://p.dw.com/p/MMmv
Фотографија: Petr Stojanovski

Македонија е земја во која владеат многу спротивности кога станува збор за жената, нејзините права, можности и положба во општеството. Иако во последните години има знаци на подобрување, белегот на традицијата се` уште е доминантно присутен во секојдневието. За голем дел од женската популација улогата на домаќинка која се грижи пред се‘ за домот и семејството, се` уште е во прв план, пред кариерата. Многу се обидуваат, но само на малку им успева да најдат совршен спој на овие две нешта.

Елена е мајка, самохран родител со две деца, интелектуалец, вработена во државниот сектор. Жена која навидум минува низ нормално секојдневие, кое сепак е исполнето со многу проблеми.

Mazedonien Land und Leute Textilfabrik in Stip
Жената во Македонија се‘ уште е притисната меѓу традицијата и модерното времеФотографија: Petr Stojanovski

„Нормално и јас, како секоја жена сакам да бидам успешна и во својата работа и во домот. Конкретно, во мојот случај е тешко да ги усогласам двете работи. Многу полесно се функционира кога имаш поддршка, дали во смисол на поделба на обврски дома или во делот на финансиите. Затоа јас сум многу ограничена да можам да го дадам својот максимум на професионален план, за сметка на обврските во семејството. Инаку, генерално сметам дека жените во Македонија се` повеќе добиваат можност за напредок иако спаѓаме во редот на општества со традиционално сфаќање“, вели Елена.

Закони има, но не се имплементираат

Во последниве 15-на години, жените во Македонија полека, но сигурно, добиваат на значење во општествено политичкиот живот. Се` повеќе жени активно се вклучени во политиката. Во моментов 33% од пратеничкиот состав се жени, за разлика од пред речиси две децении кога тој процент бил десетпати помал. Освен преку политиката, главните активности на понежниот пол се преку невладиниот сектор. Во земјата се активни преку 150 организации на жени. Една од најстарите и најактивни е Сојузот на организациите на жените во Македонија - СОЖМ. Оваа организација веќе 15 години работи на унапредување на положбата на жената, главно преку програми за политичко и економско јакнење на жените, организациите и секаков вид на насилство. Елена Чалчевска од СОЖМ, објаснува:

Straßenkind in Skopje, Mazedonien
Дури 50% од образуваните жени се со подобра едукација од мажитеФотографија: picture-alliance/ dpa

„Слободно можам да кажам дека Република Македонија има добри закони коишто се однесуваат на правата на жените. Законите и нивната структура не се проблематични, туку проблем во земјава е што тие не се имплементираат во пракса. Кога тоа би се правело, тогаш во секој случај би имале загарантирана подобра позиција на жените во сите сфери, вклучително и во однос на мажите.“

Подобро образувани, помалку платени

Податоците покажуваат дека дури 50% од образуваните жени се со подобра едукација од мажите. Сепак, според СОЖМ, тоа не влијае речиси воопшто врз работните места на жената, односно висината на платата која најчесто е помала од онаа на мажите.

Еден од клучните фактори кој треба да даде посебен придонес за унапредување на правата на жената е законот против дискриминација кој е во собраниска процедура. Од СОЖМ имаат серија забелешки и повеќе предлози за кои се надеваат дека ќе најдат простор во законското решение.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска