1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приштина го осуди палењето македонско знаме

25 ноември 2011

Министерството за внатрешни работи на Косово го осуди палењето на македонското знаме за време на фудбалски натпревар во Качаник, како и истакнувањето на транспарентот: „2012 не е крај на светот, туку крај за Македонија“.

https://p.dw.com/p/13HJ5
Фотографија: DW/A.Beqiraj

„Некои поединци истакнаа трансперент на кој беше изразена омраза и го запалија знамето на Република Македонија“, се вели во соопштение од косовското МВР. Министерството додава дека во тек е истрага и ќе бидат преземени мерки за да се казнат одговорните за инцидентот.

Македонија вчера го осуди палењето македонско знаме на фудбалски натпревар меѓу клубовите Лепенци и Дрита во Качаник и истакнувањето на транспарентот.

Косовскиот амбасадор Скендер Дурмиши пак во Скопје денеска се сретна се македонскиот државен советник за Југоисточна Европа и регионални иницијативи Дејан Костадинов-Петров. Тие се согласиле дека „ваквите чинови треба да бидат најостро осудени и санкционирани од страна на официјалните институции, како и да бидат преземени итни превентивни мерки против нивно повторување“. Петров и Дурмиши се согласиле дека случувањата на натпреварот Лепенци - Дрита не кореспондираат со добрите односи меѓу двете земји.

Автор: ЖА/ГЧ/миа

Редактор: Горан Чутаноски