Притисок врз Уставниот суд
29 април 2009Уставниот суд на Македонија ќе заседава и денеска, но закажани се и протести на студентските организации од трите државни универзитети во Скопје, Битола и Штип, пред највисоката судска инстанца. Владејачката ВМРО ДПМНЕ продолжува со притисокот врз Уставниот суд откако е донесена одлуката да се укине веронауката во основното образование. Од 365 закони и владини одлуки на оваа гарнитура на премиерот Никола Груевски, секој петти е оспорен во Уставниот суд, а секоја трета одлука укината. Владата и ВМРО ДПМНЕ се декларираат дека ќе го реализираат решението на Уставниот суд за укинување на веронауката, вели министерот за образование Перо Стојановски.
Обвинувања за продолжена рака и контраобвинувања
ВМРО ДПМНЕ не престанува со дисквалификациите врз деветте судии од Уставниот суд, обвинувајќи ги дека се продолжена рака на СДСМ и претседателот во заминување, Бранко Црвенковски.
„Никој не може да ни го ускрати правото да ги коментираме одлуките на Уставниот суд, зашто демократското општество подразбира слобода на говор, на изразување и на мисла. Не го доведуваме во прашање спроведувањето на одлуките на Уставниот суд. Нивната работа е апсолутно политизирана“ изјави пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.
Со овие ставови не се согласуваат коалициските партнери од ДУИ.
Ермира Мехмети изјави:
„Недемократско е конфронтирање меѓу институции кои се независни и кои си ја вршат работата во согласност со законите и уставот.“
„Јас му порачувам на премиерот Груевски да си ги собере сите свои партиски плукачи против Уставниот суд и да започне со јакнење на институциите“, реагираше Цветанка Иванова од СДСМ.
Без слух за пораките однадвор
Повеќе од две недели трае непримерната институционална и лична дискредитација на судиите од Уставниот суд. Не помагаат ни пораките од Брисел, дека тоа го нарушува институционалниот баланс, и дека е недопустливо да се врши притисок врз судските институции. Пред една недела и американскит амбасадор во Македонија, Филип Рикер, ја бранеше независноста на Уставниот суд како столб на демократското општество:
„Одлуките на Уставниот суд понекогаш се тешки, но властите и граѓаните треба да ги почитуваат и да се изнајде решение граѓаните да живеат како што сакаат, но само во согласност со уставот.“
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Жана Ацеска