Прирачник за ненасилна револуција
29 април 2011Дури и на возраст од 83 години Џин Шарп се придржува до работното време што сам си го наметнал. Секој ден тој оди во бирото на Алберт-Ајнштајн-Институцијата, кое за среќа се наоѓа во неговата скромна куќа од цигли на истокот од американскиот град Бостон. Во институцијата покрај него работи само уште секретарката Џамила Ракиб, која наутро прво ја прегледува поштата.
Повторно има барања за преводи на книгата „Од диктатура кон демократија“, овој пат од Кина и Сомалија, појаснува Џамила Ракиб. Таквите барања не се ништо невообичаено, пристигаат често.
Бесплатни права за издавање
Џин Шарп ги дава правата за превод и издавање без да побара цент за тоа. Малата книгичка има само 93 страни, но затоа поседува огромна моќ и сила. Затоа до сега е преведена на 28 странски јазици и тоа во разни региони од земјината топка, од Мјанмар до Босна и од Египет до Зимбабве. Книгата е напишана во 1993 година, по престојот на Шарп во Мјанмар, поранешна Бурма, каде ги поучуваше домашните во принципите на ненасилниот отпор. Во книгата се објаснети дури 198 такви методи, почнувајќи од бојкот на избори, преку штрајк со глад, до целно одбивање на соработката со властите.
Барајте ги слабите точки на режимот!
Има повеќе начини како да му се каже „не“ на режимот, тврди Шарп и препорачува да му се најдат слабите точки. „Каква е природата на вашиот режим, каде е силен. Но, најдете и каде е слаб. Бидејќи секоја диктатура има свои слабости“, категоричен е Џин Шарп.
Тој при тоа препорачува откажување од употреба на сила, туку бара начини како на системот да му се пружи ненасилен отпор. Ова е клучната тема со која целиот живот се занимава американскиот политиколог и автор на повеќе книги. При тоа големи примери му се Махатма Ганди и Мартин Лутер Кинг. Првиот поттик во таа насока дошол од соочувањето со стравотиите на национал-социјализмот. Подоцна Џин Шарп одбил да служи во американската армија и да замине во Корејската војна во 50-тите години од минатиот век, за што морал да одлежи девет месеци затвор. Во меѓувреме тој станал професор на угледниот американски универзитет Харвард, каде предавал преку 30 години.
Оружјето не е решавачки фактор
Главната порака на овој тивок мислител е дека: „Не сте беспомошни ако немате оружје в рака!“
Напротив, и без оружје можат да се соборат недемократски режими. Оваа порака го обиколува целиот свет, наспроти неодамнешните клевети дека бил агент на ЦИА. Шарп на овие обвинувања само уморно се смешка - никогаш не би соработувал со ниедна влада во светот, дури ни со онаа на неговата татковина Америка, порачува авторот Џин Шарп.
Автор: Никол Марквалд / Горан Чутаноски
Редактор: Александра Трајковска