1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прирачник во Чешка за ромската историја и култура

Џоана Имеј / Александар Методијев8 април 2012

Учителите во сите основни училишта во Чешка наскоро ќе добијат нов прирачник за историјата и културата на Ромите. Тој е издаден од чешката невладина организација „Ромеа“, а целта е да се подобри знаењето за Ромите.

https://p.dw.com/p/14Xsy
Фотографија: Fotolia

Ромската заедница во Чешка е прилично голема, а многумина од чешките ученици малку знаат за нејзините припадници. Затоа, лекции по историја се подготвуваат за основните училишта во Чешка. Едно од нив е и она во Централна Бохемија. Чешкото образование е генерално добро оценето за основата што им ја дава на децата во основните предмети, а се’ повеќе и повеќе учители прифаќаат интерективни и необични методи за да ги инспирираат своите ученици, иако многумина критикуваат дека учењето со диктирање бавно се напушта.

Но, една област, која постојано е запоставувана, е мултикултурното образование. Околу 300.000 Роми живеат во Чешка. Генерално се признава дека економскиот, социјалниот и културниот јаз што ги дели Ромите од белите Чеси е настанат поради игнорирањето. Двете заедници едноставно имаат малку што да прават меѓусебно, но затоа стереотипи има во изобилство.

Junge liest
Младите можат преку образованието да ги надминат разликите и стереотипитеФотографија: picture alliance / dpa

Автори се двајца Чеси

Секако дека училиштата можат да одиграат витална улога во менувањето на таквата состојба, а тоа се чини дека делумно мотивирало двајца млади научници да состават нов прирачник за предавање историја и култура на Ромите на чешките основци. Една од авторите, Радка Стекла, вели дека прирачникот, ако правилно се користи, би можел да користи како извор за инспирација на многумина чешки наставници, кои понекогаш се жалат дека има недостиг на материјали за предавање за Ромите.

„Прирачникот е добар, бидејќи нуди подготвени методологии за предавање, при што се користени автентични текстови, ромска литература или историски документи. Наставникот може или едноставно да ги ископира и користи на часовите, како помошно средство при предавањето, или може да ги користи како извор за дополнителна инспирација. Така што, начинот на кој наставникот ќе го користи прирачникот е невообичаен, дури уникатен, и го придвижува мултикултурното образование на едно друго ниво, од она на кое што е сега“, вели Радка Стекла.

Таа не е од ромско етничко потекло. Радка вели дека пораснала во толерантно и љубопитно чешко домаќинство и не може да се сети дека членовите на нејзината фамилија кажале некогаш некоја расистичка забелешка или предрасуда. И коавторот Лукас Хоудек е исто така бел Чех, а не Ром, но тој вели дека пораснал во помалку толерантна атмосфера, кога станува збор за Ромите. Тој вели дека прирачникот нуди нешто ново за учениците, посебно делот за историјата.

„Делот за историјата е уникатен, според моето гледање на нештата. За разлика од сегашната училишна литература за ромската историја, тој не листа само историски факти и датуми, туку се обидува да им објасни и да ги охрабри учениците да размислуваат критички за историјата и за тоа како историските извори беа користени досега. На пример, зошто беше се’ уште прифатливо пред дваесетина години во училиштата да се учи за ’Цигани’, наместо за Роми. Нивната историја беше напишана од некого, но не беше напишана од самите Роми. Тоа почна да се случува релативно скоро“, забележува Хоудек.

Roma in Litvinov Tschechien
Малку се знае за историјата и културата на РомитеФотографија: DW

Пари за печатење од ЕУ

Прирачникот, што беше испечатен со помош на Европскиот социјален фонд на ЕУ, ќе биде испорачан до сите чешки основни училишта, но неговата употреба е на доброволна основа. Радка Стекла вели дека не верува оти еден прирачник би можел да направи чуда, но би можел да направи разлика.

„Ако сакаме да зборуваме за менување на начинот на кој чешкото општество гледа на Ромите, тогаш очигледно помладата генерација го има клучот за тоа. Сакаме да започнеме да ги учиме да запрат да ги гледаат разликите или барем, ако ги гледаат разликите, да ги почитуваат“, вели Стекла.

Дали наставниците ќе го користат прирачникот зависи од многу фактори, а не само од нивните сопствени предрасуди во земјата во која мнозинството од Чесите велат дека не би сакале ромско семејство во соседството. Но, запирањето на тој циклус на недоверба и игнорирање мора некаде да започне. А, 20 години по падот на комунизмот и со јаз поголем од кога и да е, образованието и училиштата мораат со сигурност да одиграат суштински дел во тоа.