Претседателот на Светска Банка предупредува од глобална рецесија
19 јули 2012Светска банка предупредува од далекусежни последици од европската должничка криза за останатите региони во светот. Дури и ако се успее да се совлада должничката криза, би можело да дојде до економски пад во повеќето региони на планетава до 1,5 проценти, изјави претседателот на Светска Банка Џим Јонг Ким во неговиот прв поголем говор по неговото назначување на функцијата на почетокот од месецов. Долготрајна голема криза во Европа би можела да го намали брутодомашниот производ во земјите во развој за четири или повеќе проценти и со тоа да биде предизвикана глобална рецесија. Таквите случувања би ги поткопале многу успеси во борбата против сиромаштијата, изјави Ким.
„Она што денес се случува во Европа ги погодува и рибарите во Сенегал и програмерите во Индија“, порача Џим Јонг Ким. Претседателот на Светска Банка апелираше до европските држави, повторно да ги стабилизираат нивните финансиски пазари.
Американецот со корејско потекло, лекарот Џим Јонг Ким беше избран за претседател на Светската банка на 16 април годинава
Педесет и две годишниот Ким стапи на должноста на 1 јули, добивајќи петгодишен мандат.
Тој на функцијата го замени Роберт Зелик, поранешен американски дипломат, кој во јуни ја напушти оваа позиција по завршувањето на неговиот петгодишен мандат.