1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресудата ги израдува Бугарите во Македонија

Горан Петрески16 јануари 2009

Претставниците на здружението „Радко“ во Македонија се задоволни дека ја добиле битката во Судот за човекови права во Стразбур. Официјално Скопје за сега нема реакција за загубениот спор.

https://p.dw.com/p/GZyM
Европскиот суд за човекови права пресуди во корист на „Радко“Фотографија: picture-alliance/dpa

„Задоцнета, но исправна одлука што ги потврдува нашите заложби и отвора можност за целосно остварување на правата на Бугарите во Македонија“ - вака во здружението „Радко“ ја оценуваат пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, според којашто Македонија ја прекршила Европската конвенција за заштита на човековита права, односно го попречила правото на здружување. За сега нема официјална реакција за спорот кој македонската држава го загуби во Стразбур. Реакција нема ниту од владата, ниту од кај претседателот.

Но, пресудата ги израдува Бугарите во Македонија. Претседателот на нерегистрираното здружение „Радко“, Владимир Паунковски за Дојче Веле изјави дека таквата пресуда била очекувана.

Mazedonien Regierung Sitzung
Засега нема официјална владина реакција за случајотФотографија: MIA

„Радко“ ќе се регистрира

Сега здружението „Радко“ ќе се регистрира и ќе започне да работи на остварување на зацртаната програма. Според неа се бара, Бугарите да бидат запишани во преамбулата на Уставот, да бидат признаени нивните културни права, а бугарскиот литературен јазик да биде прогласен за службен.

„Нашата програма опфаќа создавање на бугарски образовни и културни инстутуции, односно возобновување на ваквите институции коишто постоеле на територија на Македонија до 1913 година. За да го оствариме ова, прво мора да се смени Уставот, односно да стои дека и Бугарите се една од етничките заедници во земјата“, вели Паунковски.

Со одлуката на судот, Македонија се обврзува да исплати околу 5.000 евра за претрпена штета на членовите на „Радко“. За нив е ова симболична сума, бидејќи тие бараа отштета од 10 милиони евра.

Уставниот суд на Македонија, судската регистрација на ова здружение ја прогласи за ништовна, бидејќи во нивната програма, според судот, имало елементи на рушење на уставниот поредок. Спорот во Стразбур инаку траеше осум години.