1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Престижна победа над Англија на новоотворниот Вембли

23 август 2007

Германската репрезентација, во пријателски натпревар, извојува синоќа тешка победа над фудбалската селекција на Англија и тоа на ново отворениот стадион на Вембли.

https://p.dw.com/p/BX2U
Кевин Курањи го постигна првиот гол за германската репрезентацијаФотографија: AP

Покрај бројните повреди на дури 11 играчи од првиот состав, избраниците на тренерот Јоаким Лев успаеја да ги совладаат фаворизираните Англичани со 2 спрема 1.

Ова беше престижна победа и одличен старт во квалификациите за Европското фудбалско првенство наредната година. Вака воглавно го коментира синоќешниот пријателски натпревар меѓу Англија и Германија овдешната стручна јавност. Посебно се истакнува фактот дека германската репрезентација ја порази “фудбалската нација број 1“ на последниот натпревар што се одигра на стариот стадион на Вембли во 2000-та година. А сега ја порази уште еднаш на отворањето на новиот. Последен пат Германците загубија од Англичаните пред цели 32 години.

За ваквата престижна победа се погрижија двајцата репрезентативци од редовите на Шалке 04, Кевин Курањи (во 26-та) и дебитантот во дресот на германската селекција Кристијан Пандер (во 40-та минута). Домаќините прво поведоа со голот на Франк Лемпард уште во деветата минута, кога германските фудбалери имаа проблеми да се снајдат со новата постава на тренерот Јоаким Лев. Тој пак по натпреварот оцени: “Во првите десетина минути покажавме преголем респект за противникот и премалку храброст во играта. Но, подоцна се ослободивме и заигравме добро.“

Лев ја истакнува посебноста на победата на стадионот на Вембли, кој е исполнет со долга традиција. По ваквата победа над англиската репрезентација, тренерот Лев и неговите избраници можат со оптимизам да се подготвуваат за првиот натпревар од квалификациите за Европското првенство, што на 8. септември ќе го одиграат против репрезентацијата на Велс.