Преспа ќе гради дистрибутивен центар со ладилници за јаболката
17 октомври 2011Неповолните временски услови годинава ги намалија приносите во Преспа за речиси 40 проценти. Иако Преспа во годините наназат носела во просек по 90 илјади тони јаболка, годинава се очекува да се наберат околу 60 илјади тони. Од таму овоштарите бараат сигурен пласман на родот, државата да ги ревидира договорите за слободна трговија со Албанија и Бугарија.
,,Нашите проблеми се поврзани со нефункционирањето на договорите за слободна трговија со Албанија и Бугарија. Ќе биде добро ако успееме да ја прошириме нашата квота за извоз на наши јаболка за Украина и да се избориме нашите јаболка за Руската Федерација да одат директно, а не како реекспорт преку Србија“,смета Стевче Радевски, претседател на Здружението на овоштари од Преспа.
Ниски откупни цени на јаболката
Овоштарите се незадоволни и од откупната цена на јаболкото која во просек се движи од 15 до 18 денари за килограм. А особено се револтирани на цената на индустриското јаболко. Годинава таа достигнува само 3 денари од килограм. Цената е потценувачка и крајно деградирачка, велат овоштарите, заканувајќи се со бојкот на откупот.
Министерството за земјоделство не се чувствува надлежно да ги решава проблемите на овошарите поврзани со олеснувањето на царинските бариери.
Според министерот за земјоделство Љупчо Димовски тоа е во надлежност на Министерството за економија. Затоа пак Димовски проблемот со пласманот на јаболката смета дека треба да се реши со воведување на нови сорти на јаболка.
,,За полесен пласман на јаболката ќе мора да работиме на преструктуирање на асортиманот на јаболката кои овде се произведуваат. Веќе ги имаме релациите со Биотехничкиот факултет во Љубљана. Значи да одгледуваме јаболка, а не да произведуваме дрвна маса, што е една од забелешките добиени од експертите“, смета министерот Димовски.
Се бараат веќе и странски инвеститори
Локалната власт од Ресен иднината на преспанскиот регион ја гледа токму во продолжување на традицијата на одгледувањето на јаболка, од таму плановите за изградба на дистрибутивен центар со ладилници кај месноста Макази, за што веќе се бараат и странски инвеститори.
,,Првично ги направивме проектите на 6 хектари во делот на Макази. Сега е во постапка изготвување на прокетот. Имаме заинтересирани за изградба на ладилници во дистрибутивниот центар. Затоа таа парцела ја проширивме за плус 16 хектари“, најавува градоначалникот на Ресен, Михаил Волкановски.
Во преспанскиот регион пред десет години имало над 8 илјади вработени граѓани. Сега бројката изнесува само 1760 вработени лица. Над 90 проценти од Преспанчани живеат од производство на јаболка.
Автор: Анета Блажевска
Редактор: Жана Ацеска