1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред ревизорите и политичките богови молчат

Катерина Блажевска4 јули 2016

Мотивите за одлуката на ЕК да скрати дел од програмските финансии од ИПА, се темелат на извештајот за Македонија од Европскиот суд на ревизори, велат извори упатени во одлуката.

https://p.dw.com/p/1JIWm
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Kalker

Одлуката на Европската комисија (ЕК) да скрати 27 милиони евра од втората програма на Инструментот за претпристапна помош или ИПА 2, како и најавата дека дополнително ќе решава за преостанатите 50 милиони евра и за финансирањето на Коридорот 8, и натаму различно се толкува во Македонија. Некои ја нарекоа „санкции“, други „рано предупредување“, но според дипломатски извори, станува збор за редовна постапка кога ќе се утврди застој или проблеми во реализацијата и остварувањето на целите за кои се наменети тие средства. За кратењето на програмските средства власта вината ја лоцираше кај опозицијата.

„Најголемата опозициска партија своето учество во Владата не го искористи за зголемување на довербата во избирачкиот процес, како што е предвидено со договорот. Сосема спротивно, фокусот го стави на блокирање на институциите и правење што поголема штета за државата“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Од опозицијата, пак, велат дека ЕК точно го адресирала виновникот - неспособноста и немањето капацитет на Владата за спроведување реформи, за кои што ЕК постојано повикува и алармира.

„Ова е резултат на погрешните и криминални политики токму на Владата“, обвини СДСМ.

Mazedonien Gebäude Regierung
Владата е виновна, тврди опозицијата, додека власта вината ја лоцира кај опозицијатаФотографија: DW/P. Stojanovsk

Се чекаат резултати од истрагите

Без оглед како ќе се наречат мерките, со помалку средства на располагање на држвата, последиците ќе ги почувствуваат сите - и оние кои укажуваа, и оние кои ги игнорираа предупредувањата од ваков можен епилог. Последен, во март годинава, поранешниот белгиски медијатор во преговорите меѓу политичките партии, Питер Ванхауте, предупреди дека има индиции за сериозни злоупотреби на парите од ИПА-фондовите. Таа изјава иницираше само обвинувања од власта кон него, но не и институционален притисок да се проверат таквите наводи. Тоа и не беше изненадувачки потег, ако се има предвид дека и пред две години беше направен обид да се игнорираат опозициските обвинувања за „Актор“, случај во кој постоеја сомневања за злоупотреби на дел од европските пари со кои истоимената грчка компанија го гради автопатот Демир Капија - Смоквица, односно за организирано изнесување кеш надвор од државата. Европската канцеларија за истраги против измами со европските пари, Олаф, отвори истрага за случајот. Таква истрага беше отворена и во домашното Обвинителство, но досега нема сознанија што утврдила истрагата. Во 2010 година ЕК замрзна дел од средствата за Македонија, кога се појавија сознанија дека Националната агенција за европски образовни програми, на сомнителен начин доделувала проекти од европски пари, од околу 1,3 милиони евра. Деновиве, пак, според судски извори, било акцентирано и прашањето колку долго отсуствува отчет за реализацијата на европската помош за јакнење на техничките и институционалните капацитети на судството.

„Последните неколку години, а особено минатата година, ЕК неколкупати ја објасни својата загриженост до надлежните органи во врска со недостигот од подготвеност, зрелост во планирање во клучните сектори, како и со недостигот од политичка посветеност за реализација на потребните секторски и општи реформи. Како резултат на тоа, Комисијата мораше да ја намали финансиската помош на ЕУ за 2016 година, како и да одлучи да не продолжи со уште еден проект“, изјави минатата недела портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич. Таа во изјава за агенцијата „Мета“ потенцира дека државата треба да се фокусира на мерки кои ќе обезбедат одржливост на големи инвестиции во инфраструктурата.

„Има многу недостатоци во транспортниот сектор, кои спречија правилно планирање и координација во тој сектор“, рече Коцијанчич.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Забелешките на ревизорите доаѓаат во време на растечка политичка кризаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Пресудија европските ревизори

Списокот на забелешки не е мал, а според добро упатени извори, мотивите за одлуката на ЕК доаѓаат по извештајот на Европскиот суд на ревизори, објавен на 27 јуни, а се однесува на искористеноста на ИПА-фондовите.

„Поддршката од фондовите на ЕУ, обезбедени како претпристапна помош со цел Република Македонија да го зајакне својот административен капацитет, има недоволно влијание, делумно поради недостиг на активна поддршка од националните власти“, се вели во извештајот на Европскиот суд на ревизори. Во него се заклучува дека во клучните области, како што е борбата против корупцијата и јавните набавки, националните македонски власти треба да остварат подобра употреба на придобивките создадени со фондовите на ЕУ.

„Наводите на ова независно тело мора сериозно да бидат земени предвид, бидејќи на темелен начин ги утврдуваат слабостите и ги даваат препораките за нивно надминување. Пред наодите на ревизорите и политичките 'богови' молчат“, велат извори упатени во мотивацијата на одлуката на ЕК.

Во периодот меѓу 2007 и 2013 година, Унијата издвоила 615 милиони евра во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за да ѝ помогне на Република Македонија да се подготви за членство во ЕУ. Поддршката продолжи и во рамките на ИПА 2, со распределба на 664 милиони евра за периодот од 2014 до 2020 година. Ревизорите ги испитувале проектите во три главни сектори: реформа на јавната администрација, транспорт и животна средина.

„Иако изградбата на административниот капацитет на државата е приоритет, ревизорите открија дека во ревидираните области е направен релативно ограничен напредок“, се наведува во извештајот, со забелешка дека инвестициите во инфраструктурата не биле поткрепени со доволно активности за успешно промовирање на т.н. „учење преку реализирање“. За многу од проектите, кои биле предмет на ревизија, било оценето дека „недоволно се вклопуваат во еден кохерентен, кохезивен и координиран пристап или дека не биле соодветно следени“.

Ревизорите ѝ препорачаа на ЕК подобро да се концентрира на утврдените слобости, а на македонските власти да се посветат на клучните предизвици.

„Властите мора силно да се концентрираат на две клучни работи - борбата против корупцијата и јавните набавки. За тоа земјата треба да има многу посилна посветеност отколку досега. Исто треба да се знае дека ова е одлична шанса да се добие подобра јавна администрација“, изјави Ханс-Густаф Весберг, член на Европскиот суд на ревизори.

Ваквите забелешки доаѓаат во време на растечка политичка криза, и кога Владата најави суштински реформи, но досега не се случи инклузивен дијалог по тоа прашање со партиите во опозицијата. Аналитичарите не се оптимисти дека кратењето на европските средства ќе ги „разбуди“ властите. Стравуваат дека тоа само ќе ги зголеми обвинувањата на релација власт-опозиција и дека нема да даде брз ефект во насока на деблокирање на преговорите.