1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Пред Македонија стојат уште многу и големи предизвици“

10 септември 2009

„Оваа земја сака и треба да биде член на Европската унија“, изјави во Охрид поранешниот германски претседател Роман Херцог. Тој денеска ќе го добие највисокото македонско одликување, орденот „8 Септември“.

https://p.dw.com/p/JcOJ
Роман ХерцогФотографија: Megastar Media Group

По Роберт Бадентер, Херцог е втор член на Бадентеровата комисија кому му се доделува орден во знак на благодарност за одлуката дека Македонија има право на самоопределување и отцепување од Југославија.

Седумдесет и пет годишниот Роман Херцог, поранешен претседател на Сојузна Република Германија, по околу 13 години повторно е во Охрид. Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов вечерва (10.09.2009) ќе му го додели највисокиот државен орден. Македонија пред два дена славеше 18 години од своето постоење. На прашањето како гледа на Македонија и нејзината иднина, Херцог вели:

„Пред Македонија има уште многу и големи предизвици. Земјата сака и треба да биде член на ЕУ. Но, можам да кажам дека во споредба со она што го видов пред 12 – 13 години и ова што го гледам сега, сметам дека земјата се развива и е на многу добар пат.“

За потсетување: Херцог беше еден од членовите Бадентеровата комисија која пресече дека Македонија, покрај Словенија, може да стане независна и суверена држава и да се одвои од тогашна Југославија. За високото признание кое што ќе му биде доделено, Херцог скромно рече:

„Сметам дека треба да го прашате претседателот Иванов зошто ме одликува со овој орден, што значи тоа и од која причина ми се доделува. За мене, ќе кажам, ова е голема чест.“

Иванов: „Ние никогаш не забораваме на нашите пријатели“

Македонија, оваа година прослави 18 години што во човековиот живот значи полнолетство. Но, македонското полнолетство се оствари во 1991 година, рече пред новинарите претседателот Иванов. „Тогаш, по распишаниот референдум, ја донесовме одлуката да бидеме самостојна и независна држава. Таа независност помина низ еден период на контрола од типот дали државата е подготвена да биде суверена и независна. Бадентеровата комисија беше таа што врз основа на Уставот на новата држава ја донесе таа одлука“, нагласи Иванов, додавајќи:

Roman Herzog mazedonischer Verdienstorden
Херцог беше еден од членовите Бадентеровата комисија која пресече дека Македонија, покрај Словенија, може да стане независна и суверена државаФотографија: Megastar Media Group

„Господинот Херцог како член на Бадентеровата комисија беше тој што придонесе Македонија, покрај Словенија, да биде земја која беше препорачана дека ги исполнува сите услови со отцепувањето од Југославија да биде независна и суверена држава. Ние никогаш не забораваме на нашите пријатели. Мислиме дека е вистинскиот момент да му го дадеме она признание што го заслужува господинот Херцог. Истовремено и да се потсетиме дека тој беше првиот државник што ја посети независна и суверена држава Република Македонија и со тој гест и чин укажа дека ние како држава имаме перспектива.“

Обновување на пријателствата, продлабочување на врските

Претседателот Иванов за два дена патува во официјална посета на Германија: „Ќе се видам со актуелниот германски претседател за да ги обновиме пријателствата и да ги продлабочиме оние врски што постојат меѓу Германија и Македонија. Едноставно, да укажеме дека Македонија навистина има пријатели во светот кои во секое време и‘ помагаат. Македонија навистина заслужува да биде почитувана и она што ни‘ следи, што го очекуваме позитивниот извештај од Европската комисија да дојде во овој момент, кога ние навистина вложивме се‘ и направивме се‘ што ќе беше побарано од нас и дека Македонија припаѓа во тој европски простор.“

Роман Херцог, во придружба на својот домаќин, ги разгледа најважните културно – историски знаменитости во Охрид: „Пред 13 години бев во Охрид. Тогаш го гледав градот, неговата околина и регионот, кој ми остави голем впечаток. Тој впечаток го понесов во Германија, но сега би сакал да го освежам. Сметам дека понекогаш не треба само да се слуша, туку треба едноставно да се исклучите и да гледате и само со очите да го добиете впечатокот“, рече Херцог.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска