1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Предградијата на Европа“

Андреас Ернст18 март 2009

Поради светската економска криза на ЕУ и’ помина желбата да ги прими во членство земјите од Западниот Балкан. Со тоа ризикува повторно да го дестабилизира регионот, се вели во статијата на „Ноје цирихер цајтунг“.

https://p.dw.com/p/HF0f
„2009 ќе биде година на Западниот Балкан“ - прорекна Оли Рен минатиот октомвриФотографија: AP

„2009 ќе биде година на Западниот Балкан“ - изјави еврокомесарот за проширување Оли Рен во октомври минатата година. Неполни шест месеци подоцна, неговата изјави звучи како ехо од некое далечно минато. Интересот за интеграција на земјите од Западниот Балкан видно се намали во поголем број европски метрополи. На средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ кон крајот на февруари, за овие земји стана збор само попатно за време на ручекот. Кај никого не наиде на радост и одушевување официјалното ни барањето на Црна Гора за прием во Унијата. А на Србија и Албанија, кои сакаа да го следат чекорот на соседот, им беше порачано да не се брзаат.

Европа не е подготвена за брзи чекори во интеграцијата на Западниот Балкан, оценува експертот на берлинската „Фондација за наука и политика“, Душан Рељиќ. Европа сака да ги држи на дистанца непосакуваните соседи. Дел од причините за тоа се наоѓаат во ЕУ, а дел во проблемите што ги имаат земјите од овој регион. Оптимистички настроениот комесар за проширување Оли Рен минатиот октомври ги потцени ефектите од заканувачката светска финансиска и економска криза и не го предвиде поместувањето на политичките и економските приоритети во ЕУ. Истата меѓународна криза веќе доведе до драстично намалување на странските инвестиции во земјите од Западниот Балкан. Стапката на невработеност е во пораст, а со мака стекнатиот животен стандард сега ќе се намали. При тоа ништо не помага изјавата на Рен, кој се жали што работниците во Србија, на пример, мораат да ја плаќаат сметката за грешките што ги направи американската берза.

Montenegro Präsident Filip Vujanovic und Ministerpräsident Milo Djukanovic
Водечкото дуо, Ѓукановиќ - Вујановиќ во ПодгорицаФотографија: AP

Причини за студената реакција во ЕУ на барањето за прием од Црна Гора има повеќе: во јуни претстојат избори за Европскиот парламент, на есен ќе се бира и во Германија. Никој од политичарите ширум Европа не може да очекува зголемена поддршка од избирачите, доколку сега се залага за проширувањето. Поголемиот број избирачи со него поврзуваат зголемени трошоци и други проблеми со новите членки. Овој став опстојува, иако Оли Рен постојано нагласува дека проширувањето на Унијата со земјите од Источна Европа донесе голем поттик за економијата како во старите, така и во новите членки. Од 2004 на ваму вкупниот обем на трговска размена внатре во Унијата порасна за три пати.

„Крупни риби“ од европската политичка сцена, како францускиот претседател Никола Саркози, сметаат дека проширувањето, без натамошно продлабочување на европската интеграција, не е пожелно. Се’ додека не се реши проблемот со уставниот договор од Лисабон, семафорот за прием треба да стои на црвено, бара Саркози. И канцеларката Ангела Меркел ги критикува политичарите од балканскиот регион за билатералните конфликти од Хрватска на северот, па се’ до Македонија на југот. При тоа Меркел превидува дека во обата најважни конфликта се вмешани членки на ЕУ. Овие проблеми би можеле брзо да се решат преку компромисни решенија. Но, бидејќи Словенија и Грција располагаат со силата на ветото, што пак ја добиваат токму преку членството во ЕУ, тие не се заинтересирани за компромиси и можат да си дозволат да играат бескомпромисни игри на моќ со кандидатите за членство Хрватска и Македонија. Се’ додека другите членки на ЕУ овие проблеми погрешно ги толкуваат како билатерални, Љубљана и Атина ќе можат да го одредуваат темпото на интеграција на земјите од Западниот Балкан. Тоа е апсурдна ситуација, но му погодува на негативното расположение во однос на проширувањето, што владее во Брисел.

Angela Merkel
Канцеларката Ангела МеркелФотографија: AP

Немањето желба за прием на балканските земји во ЕУ може да биде разбирливо. Станува збор за слаби држави, две од нив се се’ уште протекторати (Босна и Косово). Но, тоа е ризично, бидејќи стабилизацијата на овој регион може да се обезбеди само преку натамошен развој на земјите. Затоа Брисел мора да води веродостојна политика на поттици за приближување. Реформски настроените политичари во регионот мора да можат да им покажат на избирачите позитивни промени, за тие да се сложат со тешките реформи. Така на пример, Македонија по крајот на речиси граѓанската војна од 2001 година работеше на интеграција на албанското малцинство, затоа што за тоа беше наградена со кандидатски статус.

Ivica Bocevski und Olli Rehn
Комесарот Оли Рен со вице-премиерот Ивица БоцевскиФотографија: Dragan Todorovski

Меѓутоа, радикалниот национализам не ја загуби привлечноста во регионот, туку е длабоко вкоренет во тамошната политичка култура. Доколку мнозинство граѓани дојдат до заклучок дека европскиот проект пропаднал, тогаш многу брзо ќе се разбудат духовите на национализмот. А веќе спомнатите слаби држави во регионот ќе имаат малку можности да му се спротистават на прекуграничниот национализам на Албанците и Србите. Крвавата војна околу вистинските граници би можела да се врати. Во така дестабилизиран Балкан Русија би го зголемила влијанието во Србија, а политичкиот ислам би добил нова шанса кај Албанците и Бошњаците. За да се спречат вакви сценарија, мора да се зачува динамиката на интеграција на овие земји во ЕУ. Тоа е како кај велосипедот: стабилен е само додека вози!“ - читаме во статијата на Андреас Ернст во „Ноје цирихер цајтунг“.