1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предадени само 26 парчиња нелегално оружје

13 јуни 2011

Македонскиот граѓанин поседува оружје и сака да го има крај себе - само така може да се протолкува резултатот од акцијата на МВР, која заврши деновиве, со податок дека се предадени само 26 парчиња нелегално оружје.

https://p.dw.com/p/11ZUe
Фотографија: AP

Портпаролот на македонското Министерство за внатрешни работи Иво Котевски, за Дојче Веле изјави:

„Што се однесува до самата акција, за жал голем број граѓани не ја искористија можноста, односно имаше само помал број граѓани што го предадоа нелегално поседуваното оружје.“

Инаку, денеска (13.06) беше организирана прес-конференција од невладината организација „Цивил“, по повод Глобалната недела на акција против оруженото насилство. Џабир Дерала, претседател на „Цивил“, се осврна на успешноста на акцијата:

„Јас мислам дека тоа е неуспех на целото македонско општество и на сите институции во Република Македонија, вклучувајки го и граѓанското општество. Мислам дека ако спроведете акција за борба против нелегалното оружје, особено акција која вклучува амнестија за предавање нелегалното оружје, морате посериозно да ги земете работите во раце и мора да се вклучат сите сегменти во општеството и во системот“.

Symbolbild Waffengesetz
Фотографија: picture-alliance/dpa

За споредба, во 2003 година во акцијата на МВР на Македонија, беа собрани околу 7.500 парчиња оружје. Сличните акции организирани во земјите во регионот, според податоците со кои располага невладината „Цивил“, се завршени со многу повеќе собрано оружје, особено во Албанија и во Србија. Околу тоа какви се проценките за количеството на нелегално оружје што се чува во домовите во Македонија, Џабир Дерала ги изнесува следниве податоци:

„Различни податоци зборуваат различно. Проценката на МВР е дека бројката на нелегално оружје достигнува до 100 илјади парчиња во Македонија. Други податоци зборуваат за многу повисоки бројки. УНДП излезе со податок во 2003 и 2004 година дека во Македонија има од 110 до 170 илјади поседувачи на нелегално оружје, кои поседуваат најмалку едно парче.“

Според Иво Котевски, МВР по конституирањето на новиот парламент ќе ја разгледа можноста за продолжување на оваа акција.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска