1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Предавнику, ќе поминеш како Зоран Ѓинѓиќ“

АТ/ Велт/ НЦЦ/ ФАЦ / СЦ22 април 2013

Весниците на германски јазик информираат за постигнатата спогодба меѓу Белград и Приштина. Се укажува на жолчната расправа во парламентот на Косово, но и на заканите кои потписниците на договорот ги добиваат во Србија.

https://p.dw.com/p/18KeE
Фотографија: Fotolia

Весникот „Велт“ пренесува дека косовскиот парламент доцна синоќа по повеќечасовна расправа ја потврди спогодбата која премиерот Хашим Тачи минатата недела ја постигна со српскиот колега Ивица Дачиќ. „Тврдолинијашите на Косово се противат на нормализацијата на односите со Србија, но парламентот на крајот сепак го прифати постигнатиот компромис. Со 89 гласови спроти пет против 120 члениот парламент застаната зад договорот. Седницата која започна во неделата вечер беше прекината од хартлајнерите на опозицијата, кои одбиваат преговори со Србија.“

Германскиот печат потсетува дека договорот на српскиот и косовскиот премиер од петокот овозможува натамошно приближување кон ЕУ. И Брисел договорот меѓу Белград и Приштина го оцени за историски, а генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун рече дека постигнатиот компромис претставува пресвртница. „Наспроти тоа косовските Срби го критикуваат договорот и најавија референдум“, пишува „Велт“ и цитира претставници на српските заедници, кои велат дека „никој нема право да потпишува документ, кој го повредува српскиот устав и се откажува од дел од сопствената територија“.

„Под голем притисок на ЕУ, Србија и Косово се согласија на договор за намалување на затегнатоста на меѓусебните односи. Србите кои живеат на северот на Косово меѓутоа веќе најавија дека ќе пружат отпор. (...) Најголем проблем во преговорите меѓу српскиот премиер Ивица Дачиќ и неговиот косовски колега Хашим Тачи беше идното уредување на северниот дел од Косово претежно населен со Срби, каде српските власти се’ уште одржуваат т.н. паралелни институции. Договорот од петокот, кој во Белград и официјално мора да биде одобрен, отвора пат за интеграција на овој регион во структурите на младата косовска држава. Притоа српската заедница во овој дел на Косово би требало да смета на поголема далекусежна автономија“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“ и дополнува: „Второто спорно прашање беше непречено учество на двете држави во меѓународните институции. Документот од 15 точки, потпишан во петокот во Брисел, чија содржина во целост и натаму се држи далеку од очите на јавноста, според дипломатски извори утврдува, ниту една од двете балкански држави да не ја блокира другата на патот кон ЕУ, како и да не поттикнуваат трети држави во таа намера. За Приштина тоа е српско признавање на Косово, додека во Белград за такво толкување на документот не сакаат да знаат“, заклучува „Ноје цирхер цајтунг“.

Весниците „Зидојче цајтунг“ и „Франкфуртер алгеманјне цајтунг“ донесуваат текстови со слични наслови: „15 точки и многу отворени прашања“ односно „15 точки на патот кон нормализација на односите“.

„Тоа беа преговори со развлечена завршница. Три дена откако српскиот премиер Ивица Дачиќ и премиерот на Косово Хашим Тачи во Брисел провизорно го одобрија планот во 15 точки за нивните идни односи Дачиќ во понеделник мора писмено да ја пријави крајната согласност на Србија. Само тогаш министрите за надворешни работи и шефовите на држави ќе одобрат почеток на преговори за пристап. Тоа е јасно. Далеку по нејасно е на што се согласија Србија и Косово, како ќе се применува документот и дали ситуацијата на Западен Балкан навистина ќе се подобри“, пишува „Зидојче цајтунг“.

„За Ивица Дачиќ викендот започна со смртни закани. Тукушто српскиот премиер ноќта кон саботата објави, дека со неговиот косовски колега Хашим Тачи во Брисел постигна согласност за регулирање на косовското прашање, привраници на ултранционалистичката Српска радикална партија делеа летоци со бројот на мобилниот телефон на Дачиќ и повикаа на протести против ’предавството’ на вечно српското Косово (...) претседателот на српската влада Дачиќ и неговиот заменик во меѓувреме добија голем број повици, а еден од нив беше интониран: ’Предавнику, ќе поминеш како Зоран Ѓинѓиќ’.“ пренесува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.