1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори за мнозинство: Не е готово додека не биде готово

2 декември 2021

На Заев нема да му биде лесно да ги усогласи сите очекувања за идната влада при евентуално зголемено мнозинство.

https://p.dw.com/p/43isE
Nord-Mazedonien Afrim Gashi, Partei "Alternative" & Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

До крајот на неделава со очекува да завршат консултациите дали Алтернатива ќе влезе во владината коалиција и што ќе значи тоа во однос на распределбата на одговорностите во централната власт. Извори од владејачката коалиција и натаму тврдат дека „мнозинство секако има“, но би било многу постабилно со поддршка од Алтернатива.

Додека лидерите на СДСМ и Алтернатива се крајно воздржани за содржината на разговорите, според партиски извори, во нивните партиски бази не е најспокојно. Иако лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, од партиските органи доби зелено светло да влезе во разговори за учество во владиното мнозинство, наводно, кај дел сѐ уште тлеело одредено незадоволство поради фактот што треба да се влезе во коалиција за која минатиот месец дале потписи дека треба да падне, а кај дел и во однос на ресорите во кои партијата би ја презела одговорноста ако се приклучи на мнозинството. Во недостиг на официјални информации се шпекулира дека на Алтернатива би ѝ припаднала можноста да раководи со ресорите здравство и земјоделие, но нема потврда дали тоа биле и преференциите на партијата, или некој друг ресор(и). Во моментов единственото нешто околу што се сигурни, е „дека ништо не е готово, додека не биде готово“.

Од друга страна, актуелните коалициските партнери на Заев чекаат информација околу неговите разговори со Алтернатива. Со оглед дека од првата средба Заев-Гаши (на 19-ти ноември) заклучно со вчерашната, трета средба, тие немаат никакви сознанија за разговорите, некои од нив неофицијално откриваат дека чувствуваат „занемарени“ околу информирањето за процесот. Не изостануваат и компарации за тоа како и колку е валоризирана нивната поддршка во однос на одговорностите што досега ги добиле во централната власт. Овие дилеми навестуваат дека на Заев нема да му биде лесно да ги усогласи сите очекувања при евентуално зголемено мнозинство.

Nordmazedonien Skopje | Afrim Gashi
Африм Гаши од партиските органи доби зелено светло да влезе во разговори за учество во владиното мнозинство, но, наводно, во партијата сѐ уште тлеело одредено незадоволствоФотографија: Petr Stojanovski /DW

Две јавни пораки

Не му е лесно ни на Гаши, кој вчера доби две јавни пораки дека греши. Првата беше од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој изјави дека „какво било учество на политичката партија Алтернатива во една ваква влада, претставува погрешен чекор, но тоа е одлука на раководството и на самиот лидер на таа партија, во која тој не би сакал да се меша“.

Втората јавна порака Гаши ја доби од коалицискиот партнер Алијанса за Албанците, во форма на прашање: дали е валиден или не договорот потпишан меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива? Од партијата на Зијадин Села го потсетија Гаши дека Договорот потпишан за коалиција меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива, јасно ги дефинира критериумите и временските рокови на таа коалиција.

„Во членот 6 од овој договор стои дека: ‘Странките се договорија оваа соработка да важи до следните парламентарни избори’. Следствено, Алтернатива треба да ги разјасни своите позиции во однос на овој договор, кој го прекршува најмалку трипати по ред, со јавна средба со премиерот во оставка, Зоран Заев, за да разговара за можноста за влез во Владата. Минимумот на коректност што го очекуваме од вас е да одговорите дали е валиден или не договорот потпишан меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива? Ако не, тогаш не ни останува ништо друго освен да ви посакаме успех во вашиот пат, кој за нас е погрешен и во целосна спротивност со волјата што ја изразија граѓаните кои гласаа за коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива“, се вели во соопштението од Алијанса.

Ziadin Sela Vorsitzender der Partei Albanische Allianzin Mazedonien
Од партијата на Зијадин Села го потсетија Гаши дека Договорот потпишан за коалиција меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива, јасно ги дефинира критериумите и временските рокови на таа коалицијаФотографија: DW/P. Stojanovski

На крајот, се потенцира дека во иднина добро ќе размислат со кого ќе потпишат коалициски договор.

Уште во средината на ноември, кога власта најави дека ќе разговара за можноста Алтернатива да влезе во мнозинството, Гаши најави дека прво ќе разговара со опозициските партии.

„Принципиелно е ние да дискутираме прво со ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса, да видиме кој е нивниот концепт за понатамошните процеси, како го гледаат тие, а како ние, на процесот за излез од кризата. Ако имаме заеднички точки, ако се усогласиме, мислам дека ќе продолжиме да бидеме конзистентни во тоа што сме биле досега како конструктивна опозиција. Но, ако не може да се договориме, дури тогаш може да видиме што се очекува од нас, кој е новиот контекст, и во тој нов контекст каде може да се најде Алтернатива“, изјави тогаш Гаши.

Нема информации што било заклучено на тие разговори, ни дали биле еднократни, со оглед дека некои од опозциските лидери изјавуваа дека секојдневно се слушаат со Гаши.

Повеќе: 

Каква влада скроија Заев и Гаши по третата средба?

Алтернатива со една нога во Владата - се преговара за министерските фотелји

Колку е опасна најпосакуваната коалиција

Во сенка на изборот на лидер

Покрај критики од опозицијата, разговорите за мнозинството во моментов се одвиваат и во сенка на рокот за кандидатурите за избор на нов претседател на СДСМ. Со Одлука на Извршниот одбор на СДСМ од 26 ноември, вонредните избори беа закажани на 12 -ти декември. Постапката на отворениот повик за самокандидирање започна на 27-ми ноември и трае седум дена, односно завршува утре (3.12). За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ и најмалку еднаш да бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата.

До вчера во СДСМ стигнаа две кандидатури: на поранешната потпретседателка на партијата Фросина Ременски, и на заменик министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Димитар Ковачевски. Но, можно е бројката на кандидати да се зголеми. Поранешниот долгогодишен организациски секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, вчера во гостување на ТВ „24“ најави дека ги прави последните анализи околу можна кандидатура. Извори од СДСМ велат дека и други нивни членови деновиве се во интензивни консултации со сопартијците околу истите намери, а со цел добро да ги премерат аргументите „за“ и „против“ во актуелните околности, а пред сѐ, во контекст на единството во партијата.