Преговорите продолжуваат, борбите се заоструваат
14 јануари 2009Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, денеска ќе побара од египетските власти да го информираат како се одвиваат преговорите по повод предлогот на Каиро за завршување на израелската воена офанзива во Газа.
„Мојата порака е едноставна, директна и јасна: борбите мора да престанат. Ова важи за двете страни“, изјави Бан Ки Мун пред да отпатува на Блискиот Исток. Но, и покрај неговите барањата за итен прекин на огнот, ниту Израел, ниту Хамас не обрнаа внимание на неговата порака.
Хамас има неколку забелешки за договорот
Делегација на Хамас денеска во Каиро го разгледува предлогот на египетскиот претседател Хосни Мубарак. Договорот предвидува итен прекин на насилството, отворање на израелските граници кон појасот Газа и нови преговори за помирување со Палестинците.
Критична точка за Хамас е предвиденото примирје од 15 години, без обврска за израелската армија веднаш да се повлече. Присуството на окупаторот во Појасот е неприфатливо, изјави Муса Абу Марзук, еден од лидерите на Хамас. Тој додаде дека Хамас има неколку забелешки и измени, кога е во прашање мировниот план на Египет. „Кога тие би биле земени предвид, можеби би дошле до некаков нацрт-предлог, што би бил основа за решение. Во секој случај, не можеме да го прифатиме планот онаков каков што е сега“, беше категоричен Марзук.
Либан нема да дозволи да биде театар
Во меѓувреме, деветнаесеттиот ден од вооружениот конфликт на Блискиот Исток почна со три ракети, кои од Либан беа истрелани кон израелска територија. Тие погодија цели во северниот дел на земјата, без да предизвикаат жртви или материјални штети. Израелската армија возврати со истрели во насока од каде што биле испукани ракетите.
Портпаролот на израелската армија изјави дека задача на либанската армија е да ги спречи ракетните напади од Либан.
Либанскиот министер за одбрана, пак, по вчерашната средба на кабинетот, потенцира дека Либан нема да дозволи да биде база од каде што разни организации испалуваат ракети. „Либан не е театар и оваа одлука е едногласно донесена од владата, армијата, одбраната и либанскиот народ“, рече министерот.
Ова е втор случај на испукани ракети од либанска територија во помалку од една недела, што уште повеќе го зголемува стравот дека би можело да дојде до повторување на сценариото од 2006 година, кога Израел истовремено спроведе вооружени акции во Газа и против Хезболах во Либан.