1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„ АНИМАКС Скопје фест“

24 ноември 2011

Од денеска (24 ноември) па до 26 ноември во Скопје ќе се одржи првиот меѓународен фестивал на анимирани филмови „Анимакс Скопје фест“. Фестивалот се раѓа по 40 години од појавата на првиот македонски анимиран филм.

https://p.dw.com/p/13FOu
Скопје ќе биде домаќин на уште еден возбудлив фестивалФотографија: DW

„Анимираниот филм во Македонија има своја историја и традиција, но не знам од кои причини како да згасна“, вели Кузман Кузмановски, директор на „Анимакс“ истакнувајќи дека во овој сегмент на кинематографијата работите се одвиваат -стихијно.

„ Познато е дека многумина во Македонија се занимаваат со анимација а некои и многу успешно во светот а јавноста често и не дознава за нив. Освен тоа годинава се одбележуваат 40 години од почетоците на македонскиот анимиран филм, па ова беа двете причини или иницијалната каписла за да тргнеме во походот наречен „Анимакс Скопје фест“. Анимакс т.е. анимација до максимум. Се надеваме дека Анимакс ќе стане традиција особено затоа што  македонската анимација има историја која во тоа време во 70-тите години претставува врвот , па сметавме дека не е вредно таа традиција да згасне и тргнавме во своевидна ревитализација.“

Darko Markovic
Доајенот на македонската анимација, Дарко Марковиќ ќе биде член на жирито на фестивалотФотографија: DW

Оскаровци на „Анимакс Скопје фест“

Од 150 анимирани филмови од 25 земји во официјална селекција селектирани се 50 најнови анимации меѓу кои и добитникот на Оскар за краток анимиран филм австралискиот „Изгубеното нешто“ од авторот Шон Тан, потоа „Бабел“ на Хендрик Дусолие, но и кандидатот за номинација за Оскар во 2012 година анимацијата „Птица-момче“ на авторот од Шпанија Педро Риверо. „ Како за прв фестивал добивмe квалитетни наслови, разни жанрови, стоп анимации, анимации со кукла и амалгами од 2Д и 3Д “, вели Кузман Кузмановски од „Аурипигмент продукција“ кој е организатор на фестивалот.
 

Тричленото жири  го сочинуваат Ан Мари Флеминг, авторка од Канада, Растко Чириќ, аниматор и професор од Србија и  доајенот на македонската анимација Дарко Марковиќ. Филмовите ќе се натпреваруваат за наградите „Златна“, „Сребрена“ и „Бронзена тула“, награди кои треба да го симболизираат почетокот, темелот на идната историја на македонската анимирана продукција.

Oben UP 3D Disney
3Д анимацијата е се’ почестаФотографија: Walt Disney Studios

Скопје беше водечки центар за анимација пред четири децении

Во Кинотеката на Македонија фестивалот ќе започне со ретроспективата на македонските анимирани филмови од еден од најинтензивните творечки периоди во македонската историја на анимираниот филм- 70-тите и 80-тите години со селекција од филмови на Петар Глигоровски, Дарко Марковиќ, Боро Пејчинов, Делчо Михајлов, но и на талентираните претставници на најмладата генерација аниматори . Идејата на првиот меѓународен фестивал на светскиот анимиран филм во Македонија претставува своевидно продолжување на македонската аниматорска приказна и на старите и славни темели на македонската анимација повторно да ја разбуди креативната енергија и одново да ја оживее и промовира анимацијата во Македонија.

„Феникс“ од 1976 на Петар Глигоровски ја доби наградата „Сребрена мечка“ во Берлин но и признание на фестивалот во Анеси во Франција- еден од најпрестижните фестивали на анимацијата.Секако за да се добијат овие награди треба да се исполнат некои врвни естетски критериуми. И младите автори кои исто така имаат свои специфичен израз и естетика, претставуваат богатство кое би сакале да го зачуваме и да  прерасне во една скопска или македонска школа за анимација“, вели Кузмановски.

Идеја за ревитализација на македонската анимирана сцена

Дарко Марковиќ, доајенот на македонската анимација и член на жирито на првиот „Анимакс“ смета дека овој фестивал ќе биде поттик и за младите но и за постарите автори кои сеуште се занимаваат со оваа дејност во време кога е замрена македонската анимирана сцена.

„ Цртаниот филм своевремено кај нас во 70-тите и 80-тите години беше на мошне високо ниво , а Скопје беше водечки центар на анимацијата во поранешна Југославија. Во тоа време работеше една генерација автори кои растеа заедно, во почетокот на полето на карикатурата ,а потоа еден голем дел од нив се приклучија кон Вардар филм и така го формиравме Студиото за анимирани филмови. Ние бевме генерација која во тоа време можевме пристојно да живееме па и да го прошетаме светот. Но, денес не е така. Нашите нови аниматори главно се занимаваат со анимации на реклами и други продукти кои веднаш можат да им донесат материјална полза. Затоа мислам дека фестивалот „Анимакс“ е една почетно скалило во возобновувањето на анимираната сцена.“

На фестивалот ќе бидат прикажани и наградените филмови од Лондонскиот интернационален фестивал на анимиран филм, како и моментно најактуелните анимирани остварувања од авторите од Финска и Шпанија, а  ќе се одржи и работилница за анимација за деца „Од цртеж до филм“.

„Анимакс Скопје фест“ е поддржан од Министерството за култура и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Симе Недевски