1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прволигашите се посрамотија во германскиот куп

Сара Вирц/Б.Г.5 август 2013

Четири прволигашки тимови испаднаа од германскиот фудбалски куп уште во првото коло. Вердер, Брауншвајг, Менхенгладбах и Нирнберг се посрамотија во дуелите со нисколигашите. Низата може и да продолжи.

https://p.dw.com/p/19Jim
Фотографија: Getty Images

Со новиот тренер требаше да биде поинаку: да се заборави на битката за опстанок во Бундеслигата, да се тргне во лов на места кои водат во европските купови, и конечно да се мине првото коло во домашниот куп. Тоа беше планот на Вердер со новиот тренер Робин Дут. Но, историјата се повтори уште на првиот чекор. Вердер во неделата загуби кај третолигашот Зарбрикен со 3:1 во првото коло од купот. Клубот од Бремен веќе трета година по ред испаѓа во првата рунда.

Ништо подобри не беа ниту некои други „големци“ од Бундеслигата. Борусија Менхенгладбах загуби на пенали кај третолигашот Дармштад, откако натпреварот во регуларниот дел и по продолженијата заврши без голови. Пеналите му пресудија и на Нирнберг во дуелот со второлигашот Зандхаузен. Брауншвајг, кој по речиси 30 години повторно се врати во Бундеслигата, загуби кај второлигашот Арминија со 2:1.

Екипите на Штутгарт, Хановер, Херта, Ајнтрахт и Хамбург во неделата професионално си ја завршија задачата и се пласираа во следната рунда. Првото коло во германскиот куп ќе биде заокружено денеска кога се очекуваат дуелите на уште два бундеслигаши- Шалке и бранителот на титулата Бајерн Минхен.

Во саботата, првите овосезонски тестови успешно ги минаа и Борусија Дортмунд, Фрајбург, Хофенхајм, Бајер Леверкузен, Волфсбург и Мајнц.