1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првенството во Бундеслигата е на прагот, се наближува и олимпијадата во Атина

2 август 2004

Германските фудбалски прволигаши на една недела пред стартот на 42-то првенство на Бундеслигата ги одиграа последните контролни натпревари. Погледот на љубителите на спорот полека се врти и кон претстојната олимпијада - до почетокот на игрите во Атина има уште само 11 денови. Од денеска во олимпиското село ќе се завиори и македонското знаме.

https://p.dw.com/p/Aeml
Во Берлин свечено беше отворен реновираниот олимписки стадион
Во Берлин свечено беше отворен реновираниот олимписки стадионФотографија: AP

Новата фудбалска сезона официјално започнува на наредниот викенд, но веќе денеска ќе биде доделена првата титула. Имено, вечер во Мајнц се игра финалето на Лига-купот, во кое се среќаваат шампионот и победник на Купот на Германија Вердер Бремен и екипата со најмногу титули во германскиот фудбал Баерн Минхен.

Генералните проби на другите прволигаши, одиграни на викендот, покажаа дека некои од нив се‘ уште не ја постигнаа формата неопходна за стартот во првенствениот маратон. Кајзерслаутерн на свој терен е поразен од францускиот прволигаш Мец со 4 спрема 2. Неговиот противник во првото првенствено коло, новиот лигаш Нирнберг, исто така загуби во дуелот со екс-прволигашот Минхен 1860 со 1 спрема 0. Ни Мајнц не покажа дека е зрел за стартот меѓу прволигашите – поразен е од довчерашниот прволигаш Келн со 3 спрема 1. Единствено Армијнија Билефелд од новите членови на прволигашкото друштво блескаше совладувајќи го со 2 спрема 0 холандскиот тим Ајндховен со 2 спрема 0. Со ист резултат Хановер го победи 29-кратниот првак на Бугарија, тимот на ЦСКА. Шалке на гостувањето кај белгискиот прволигаш Тројден одигра нерешено 1 спрема 1, но асовите добија поштеда бидејќи им претстои реваншот од Интертото купот против данската екипа Есбјерг која ја победија на гости со 3 спрема 1. Но, тренерот Хајнкес ништо не препушта на случајноста. Борусија Дортмунд како победник се врати од гостувањето кај холанскиот прволигаш Витесе - резултатот е 2 спрема 1. Бохум “му зеде мерка” на Де Графшап, исто така холандски прволигаш, победувајќи го со 3 спрема 0. Волфсбург, предводен од тренерот Ерик Герец, го победи тимот во кој тој се здоби со играчка слава – Стандард Лиеж со 3 спрема 1. Успешна генерална проба имаше и Ханза Росток која го совлада англискиот прволигаш Мидлсбро со 3 спрема 1. Противникот на Ханза на стартот од Бундеслигата, Фрајбург, одигра нерешено и без голови со францускиот прволигаш Сошо. Штутгарт и Баер Леверкузен одбраа полесни германски противници за генералната проба: Штутгарт го совлада Зоненберг со 5 спрема 0, додека Баер го победи Бохолт со 6 спрема 1.

Посебно славје се одржа во Берлин: со средбата во која Херта го победи третопласираниот тим во турското првенството Бешикташ од Истанбул со 3 спрема 1, свечено беше предаден во употреба реновираниот олимписки стадион, кој сега има капацитет од 76 065 места и се вбројува меѓу најмодерните во Европа. Реконструкцијата чинеше 242 милиона евра, од кои 80 насто се од касата на државата. На тој стадион ќе се игра финалето на светското фудбалско првенство во 2006-та година. Однадвор стадионот го задржа изгледот што го имаше и во 1936-та година за време на олимпијадата, но внатре сите содржини се доведени на најмодерно ниво.

Кинезинка во германскиот олимписки тим

Германските претставници за олимпијадата го прават завршното темпирање на формата пред настапот. Тимот го сочинуваат 453 спортисти. Меѓу нив е и Хуаивен Џу. Таа игра бадминтон. Не можеше да се избори за место во репрезентацијата на својата татковина Кина – за тамошните стручњаци со нејзините 160 сантиметри била прениска за тој спорт, па среќата си ја побара – и ја најде - во Германија. Со бадминтон започна да се занимава од 9-тата година. На некој начин беше предоредена за спорт: “Родена сум во спортско семејство. Моите родители беа професионални играчи во кошарка односно одбојка. Јас од детството имав многу контакти со луѓе од спортски кругови, живеев во спортски свет”, вели Џу. На 13-годишна возраст се реши професионално да се занимава со бадминтон. Со 21 година веќе имаше три трети места на првенството на Кина, но не доби шанса за настап на меѓународни турнири – секогаш, вели, предност добиваа спортистки со висок раст и долги раце. Ни двете години поминати во кампот за тренинг во Пекинг и макотрпната работа не и‘ помогнаа да стане репрезентативка. Конечно, на 23-годишна возраст разочарана реши да ја напушти Кина. Преку електронска пошта конкурираше кај германски клубови, но не можеше да добие согласност од кинеските власти. Конечно, како 25-гдишна пристигна во Фридрихсхафен . Во Бундеслигата во овој спорт го докажа своите квалитети, а работеше паралелно и како тренер на подмладокот. За три години во Германија Џу загуби само еден поединечен дуел! Од почетокот на 2003-та премина во друг клуб, почесто почна да се појавува и на меѓународни турнири, а лани во ноември доби и германски пасош. Тоа и го овозможи исполнувањето на сонот на секој врвен спортист – да настапи на олимпијадата. “Не знам во која група ќе играм. Ако ситуацијата е поволна, би можела да стигнам до осминафиналето. Тогаш ќе налетам на некоја кинеска претставичка. Тие се навистина силни, многустрани во тактиката на играта, но јас ќе дадам се‘ од себе” – ветува Џу.

Мотив секако има повеќе од доволно.