1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прашка пролет: 50 години од изборот на Александер Дубчек

Иан Вилоуби
5 јануари 2018

Изборот на Александер Дубчек во 1968 година донесе реформи без преседан во комунистичка Чехословачка. Но неговиот обид за „социјализам со човечко лице“ не успеа. Сепак, тој обид го посеа семето за иднината.

https://p.dw.com/p/2qKMF
Prager Frühling - Einmarsch
Фотографија: picture-alliance/dpa/CTK/L. Hajsky

Александер Дубчек беше избран за прв секретар на Комунистичката партија на Чехословачка на 5 јануари 1968 година, сигнализирајќи почеток на драматичен процес на либерализација на тоталитарната држава. Иако на крајот беше уништена од руските тенкови, периодот кој стана познат како Прашка пролет им даде на многу Чеси и Словаци нова надеж- две децении од воведувањето на комунизмот- дека посветла иднина е пред нив.
„Можеше да се почуствува дека со изборот на Дубчек дувна свеж ветар“, вели Марта Кубишова, која стана симбол на Прашката пролет. Во јануари 1968 година таа беше една од најголемите поп-ѕвезди во Чехословачка, како членка на групата „Голден кидс“- Златни деца.
„Тоа беше незаборавен период. Прекрасно време кога луѓето можеа слободно да дишат и имаа чувство дека, по 20 години, нешто добро и радосно конечно се случува“. На Златните деца им беше дозволено да настапуваат во Париз и Западен Берлин на почетокот на 1968 година, и пејачката вели дека музиката била дел од Прашката пролет, откако било дозволено внесување и на претходно забранетите плочи од Западот. 

Повеќе на темата: 

- „Кадифената револуција“ во Чехословачка

- Прашка пролет- почеток на крајот 

Социјализам со човечко лице

Изборот на Дубчек следеше по други настани кои го отворија патот и за Прашката пролет, вели историчарот Петр Блажек. Меѓудругото, тоа се откажувањето на советскиот лидер Никита Крушчов од својот претходник Сталин во 1956 година; ослободувањето на бројни политички затвореници во Чехословачка во 1960-те; јавно изразеното незадоволство за време на конгресот на сојузот на писателите во 1967 година, и големата потреба од економски реформи поради лошата состојба. 
Дубчек, кој дел од детството го минал во СССР, го замени тврдокорниот Антонин Новотни на функцијата. Разликата беше голема. „Дубчек беше далеку, далеку поотворен во настапите и на јавноста и стана познат како насмеаниот политичар“, вели Блажек. Дубчек оствари и маркетиншки успех со својата реформска агенда, давајќи ѝ име кое беше општо прифатено: „социјализам со човечки лик“.
Историчарот Јан Адамец вели дека фразата била „многу убав пример за политички маркетинг“; таа е толку општа што дозволува различни интерпретации, од комунистичка диктатура со „човечки“ особини до либерална демократија со социјалистички елементи.

Sängerin Marta Kubisova
Марта КубишоваФотографија: picture alliance/CTK/J. Dezort

Крај на цензурата

Прашањето: дали Дубчек ја предводеше Прашката пролет или беше вовлечен во неа од настаните, се уште ги дели историчарите, вели Адамец, кој смета дека целите на Дубчек и останатите во реформското крило на чехословачката Комунистичка партија во суштина биле многу ограничени.
„Тие сакаа да создадат ново прогресивно лидерство, но не би рекол дека сонуваа за нештата кои се случија за време на 1968“, вели Адамец. „Колку повеќе туркаа реформистички политики, толку повеќе стануваа набљудувачи на она што се случува“. Најрадикалната промена воведена од Дубчек беше отстранувањето на цензурата. Тоа се случи во април 1968, и играше голема улога во неговото уривање од власт.
„Кога ќе им дадете на луѓето слобода на говор во претходно цензурирано општество, тогаш и самите доаѓате под постојани критики“, вели Адамец. „Дубчек беше критикуван дека е премногу радикален, и истовремено, дека не е доволно радикален“.
Владата во Прага никогаш не размислува за откажување од водечката улога на Комунистичката партија. Но, како минуваа месеците, лидерите во Москва и во другите држави од Советскиот блок со неверување гледаа како се зголемува притисокот за натамошни промени. Оваа загриженост ја споделуваа и се поголем број апаратчици во самата Чехословачка.
На 21 август 1968, трупите на Варшавскиот пакт предводени од СССР влегоа во земјата, ставајќи и крај на Прашката пролет и де-факто ја окупираа земјата во следните две децении.

Prager Frühling - Alexander Dubcek
Александер ДубчекФотографија: picture alliance/CTK/J. Dezort

Неуспешниот Дубчек

Историчарот Блажек вели дека Александер Дубчек бил неуспешен, затоа што не ги задоволил ни конзервативците, ни реформаторите дома, ниту пак успеал да ја предвиди реакцијата на СССР.
„Тој беше чудна фигура која и беше атрактивна на јавноста и успеа да придобие голем број луѓе“, вели историчарот. „Но лично, не го сметам Дубчек за еден од големите политичари во Чехословачка во 20 век“.
Пејачката Марта Кубишова јавно го поддржа Дубчек за време на инвазијата. Набрзина ја сними и срцепарателната балада „Молитва за Марта“, која стана симбол на Прашката пролет. Песната набрзо беше забранета во земјата, а на пејачката и беше забрането да настапува во следните 20 години.
Прашката пролет, која траеше околу седум месеци, заврши срцепарателно и резултираше во огромна емиграција. Но тоа ограничено чувство на слобода ја одржа надежта дека еден ден ќе му дојде крај на комунизмот, вели Кубишова.
„Вредеше, затоа што тоа те прави посилен. Тоа беше шанса да се продише чист воздух кој ни даде уште поголема желба да бидеме слободни“, вели Кубишова. „Тоа чувство остана со нас во следните две децении“.

Prager Frühling - Einmarsch
Прашката пролет беше задушена од советските тенковиФотографија: picture-alliance/dpa/CTK/L. Hajsky