Пратеничките листи на ДПА со изненадувања
5 мај 2011Лидерот на ДПА Мендух Тачи ќе се судри со претседателот на ДУИ Али Ахмети во шестата, тетовско-гостиварско-кичевска изборна единица.
Согласно со таканаречениот „Изборен пакт“ за одржување фер, мирни и демократски избори, еден ден претходно потпишан со челникот на „интегративците“ Ахмети, Тачи од Тетово синоќа упати апел до своето партиско членство и симпатизерите да гласаат со култура, достоинство и гордост.
Тачи: Да гласаме со култура и достоинство
„Да се мобилизираме заеднички, сите Албанци во Македонија, врз основа на политичката платформа на ДПА, и да ја казниме сегашнава влада, да не им дозволиме на оние што водат антиалбанска политика да одлучуваат за нашето национално прашање“, рече лидерот на Демократската партија на Албанците Мендух Тачи.
Тачи е носител на кандидатската листа во шестата, тетовско-гостиварско-кичевска изборна единица. Кандидатската листа во првата изборна единица ќе ја предводи Беким Фазлиу, во втората Орхан Ибраими, во третата единица носител е Илјаз Мемети, додека во петтата изборна единица носител на листата е Зијадин Селја. Изненадувачки, високо рангираните во партиската хиерархија на ДПА Мируше Хоџа и Валон Белја, не фигурираат на ниту една од кандидатските листи. На таквата листа за „шестката“ се најдоа речиси сите досегашни пратеници од оваа партија. Тачи, со тоа што го искористил правото добиено од одржаното Централно собрание тој самиот дефинитивно да одлучи, успеал да ги „пресече“ внатрешно-партиските расправии, тензии и незадоволства од изминатите денови околу тоа кој ќе биде кандидиран за пратеник, а кој не.
Политичка платформа
Упатувајќи повик до сите Албанци во Македонија на 5-ти јуни годинава да ја поддржат опцијата на ДПА, „со цел да се излезе од мизерната ситуација во која се наоѓаат тие“, Мендух Тачи го кажа и следново:
„Заеднички да се мобилизираме, да пројавиме култура, достоинство и гордост при гласањето за ДПА.“
Својата политичка спогодба во вид на некаков нов договор меѓу Македонците и Албанците, како замена на постојниот Охридски рамковен договор, за овие избори ДПА ја трансформира во политичка платформа со неколку главни принципи: целосна рамноправност на Албанците во системот, консензуално функционирање на владата и другите рамништа на одлучување за прашања од интерес за овој етникум и официјална употреба на албанскиот како втор државен јазик во земјата.
Автор: Свето Тоевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска