1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратеници од дијаспората: успешна приказна или товар за буџетот

22 ноември 2011

Какви се задачите и досегашниот учинок на тројцата пратенции избрани од дијаспората, откако за првпат седнаа во македонскиот парламент. Тие се задоволни од ангажманот , опозицијата пак смета дека се скапи пратеници.

https://p.dw.com/p/13Ego
Фотографија: Petr Stojanovski

Не седат во првите пратенички редови на владеjaчката ВМРО-ДПМНЕ, засега не се бучни, би се рекло дури се и молчеливи, но се редовни во парламентарниот ангажман. За тројцата избраници од дијаспората, Ристо Манчев, Милорад Додевски, Павле Саздов, кои се прв пат во законодавниот дом по двете децении од самостојноста, веќе истекува периодот на животна, професионална и политичка адаптација.

„ Ново искуство, полека се адаптирам, јас сум задоволен од ангажманот во парламентот, како претставник на нашиот народ од дијаспората. Во контактите со сограѓаните преку океанот користам Твитер, Фејсбук, а ми се дозволени и шест патувања на американскиот континент и јас сега се вратив од еден престој во Детроид и Чикаго – САД, Торонто- Канада“.

Parlament Gebäude in Skopje, Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Товар за буџетот, смета опозицијата

Преставникот на бројното иселеништво од американскиот потконтинент Павле Саздов е постојано достапен за контакти. Информатичар по струка, што му помага со новите технологии да се поврзува со иселениците од Канада и САД.

„Најмногу ги интересираат преговорите околу името, начинот да се добие македонски пасош, некои социјални права, а во последно време се воодушевени од проектот ’Скопје 2014’“, рекапитулира младиот бизнисмен Саздов, кој по враќањето од Канада, еден период работеше и во државната управа што ја раководи владата на Груевски.

„Тие пратеници од дијаспората се избрани во македонскиот парламент поради симболичното значење и грижа на државата за нашето иселеништво, но во исто време тоа скапо го чини буџетот. Не можам јасно да кажам колку придонеле во собранискиот живот бидејќи немало теми од особен интерес за дијаспората“, вели Андреј Петров пратеник од опозициските редови. Тој потсетува дека на предизборните лидерски средби СДСМ инсистирал на утврден цензус на излезност кај иселениците кои ги избираат своите преставници во македонскиот Парламент. „Во Македонија еден пратеник се избира со 9000 гласови, додека во дијаспората тој цензус и малиот одзив е десет пати понизок и го доведува во прашање нивниот фактички кредибилитет да ја застапуваат бројната емиграција“.

Mazedonien hat Kosovo als unabhängigen Sttat anerkannt
Фотографија: Petr Stojanovski

Важни се интересите на дијаспората

Тројцата пратеници од дијаспората се избрани со низок одзив на гласачите, не поголем од 1000 гласачи, наспроти претпоставената бројка од најмалку 200 илјади иселеници кои имаат македонски пасош. Таа не го изразува ниту мултиетничкиот карактер на иселениците кои заминале низ светот, особено со бројното присуство на Албанци во Европа. Користена е недоволно јасна и импровизирана процедура на изјаснување, што го доведува во прашање нивниот кредибилитет. Дел од овие забелешки што ги соопштува за ДВ, Андреј Петров се констатираат и во финалниот извештај на меѓународната набљудувачка мисија. Тој минатата недела им беше предаден на македонските власти.

Во него ОБСЕ-ОДИХР, покрај конечните и позитивни оценки за фер и демократските избори, сугерира законски промени што ќе ја зголемат кредибилноста и легитимитетот на тројцата пратеници од дијаспората.

„ Дали сум избран со еден или петстотини гласови не е најважно, важно е дека интересите на дијаспората, за прв пат директно се претставени во Собранието“, оценува за ДВ Павле Саздов.

За многумина иселеници ова е шанса посредно да влијаат на македонската национална и надворешна политика, како и да предлагаат измени на законите. Дијаспората веќе има влијание врз националниот буџет преку дознаките. Мал број се врати да инвестира во различни бизниси.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Симе Недевски