1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Чикаго-скор компромис со Грција или нови избори?

Горан Петрески23 мај 2012

Ќе дочекаат ли актуелните македонски генерации да бидат жители за земја-членка на НАТО и ЕУ? Аналитичарите се оптимисти. Сугерираат олеснување на животот на разочараните граѓани.

https://p.dw.com/p/150LK
Фотографија: dapd

Четири години не се долг период кога станува збор за значаен политички процес што треба да резултира со пристап на една држава во интегриран безбедносен систем каков што е НАТО. Во таа смисла периодот меѓу двата самита на Алијансата, оној во Букурешт во 2008 - та и годинешниот во Чикаго, за Македонија не е судбински. Но ако се анализира низ призмата на актуелните генерации македонски граѓани е од извонредно значење. Минаа четири години, а процесот за зачленување во НАТО не се помрдна од мртва точка.

Поповски: Компромис со Грција идната година

По долгата и мачна транзиција стоењето во место делува демотивирачки. Универзитетскиот професор Владо Поповски објаснува:

„Прво мислам дека векот на оваа генерација не трае толку кусо, четири, шест или осум години, мислам дека оваа генерација македонски општественици има шанса во своето активно доба да доживее влез на Македонија во евроатланските асоцијации, со што конечно би се консолидирала безбедносната, политичката и економската состојба на Македонија. Сметам дека по оваа одлука во Чикаго, временскиот интервал во кој е можно решение на последната пречка за влез во НАТО, а тоа е усогласување на употребата на името на Република Македонија во меѓународните релации во однос на спорот што го наметна Грција, се надевам дека идната година е реален рок за компромисно решение“, вели историчарот Поповски во изјава за Дојче веле.

Новото вето во Чикаго отвора нови прашања: Што ако спорот за името не се затвори во догледно време, има ли Македонија друга алтернатива за членството во НАТО, дали стабилноста на државата е доведена во прашање? Засега се ретки, но се‘ погласни се повиците дека Македонија треба да ги повлече војниците од мировните мисии и да се сврти кон Исток.

Мисини: Приказните за Русија и Кина се апсурдни

Премиерот Никола Груевски ја отрфли можноста од повлекување од мировните мисии. Каква безбедносна алтернатива може да понуди промената на курсот од Запад кон Исток, го прашавме политичкиот аналитичар Суат Мисини.

„Друг безбедносен систем не постои, барам формално. Ако зборуваме за Русија, видовме како заврши Србија со Косово наспроти ветувањата на Русија. Муабетите за вртење кон Кина се апсурдни, ние можеме да бидеме ходник за пренос на кинеските бизниси и тоа е се‘. Невозможно е тие големи држави да застанат зад нас од безбедносен аспект“, вели Мисини.

Сличен е ставот и на професорот Поповски.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

“Нема друга алтернатива надвор од евроатланските интеграции“.

Дали разочарувањето ќе се ублажува на избори?

Прашањето за членство во НАТО носи и разочарување по секој промашен самит. Во 2008-ма порасна скептицизмот меѓу граѓаните, а гневот од толерантноста на меѓународниот фактор кон Грција беше ублажен на предвремени избори. Како сега ќе се менаџира незадоволството на терен?

„Јас мислам дека полесно ќе се надмине ова незадоволство бидејќи беше очекувано дека во Чикаго нема да се реши прашањето за влез на Македонија во НАТО. Реакцијата на незадоволство е поради чуството на неправда, но јасно е дека таа неправда може да се надмине со заемно прифатливо, а не наметнато решение“, вели Поповски.

Мисини смета дека скептицизмот и нервозата ќе растат.

„Во вакви ситуаци премиерот Груевски во принцип распишува предвремени избори. Нема да се изненадам ако тоа се случи, ако Груевски на избори побара мандат за начинот на кој што ја води политиката и тоа што тој го нарекува реформи“, вели Мисини.

Поради ветото во Букурешт Грција го загуби спорот пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Но ниту хашката пресуда во корист на Македонија не успеа да му се спротистави на консензуалниот начин на одлучување до кој се држат земјите членки. Спорот за името и во наредниот период останува непремостлива пречка на патот кон двете институци кои ќе ја потврдат Македонија како успешна транзициска приказна. Наспроти бројните разочарувања од грчките сопки и непринципиелната политика на меѓународниот фактор, разположението на македонксите граѓани за членство во ЕУ и НАТО е се‘ уште големо.