Економијата на колена
20 ноември 2013На живинарската фарма на Роберт Алмодиа повеќе не се слуша кокодакање. Во тесните кафези некои преостанати кокошки седат на сонце и одвај се мрдаат. За кокошките е всушност премногу жешко, вели Алмодиа. „ Тајфунот ги уништи нашите згради во кои беа сместени кафезите. Можевме само провизорно да ги покриеме кафезите“, објаснува тој.
Алмодиа некогаш имал 80 илјади кокошки. Една третина од нив не го преживеа налетот на тајфунот, а остатокот полека умира. Овој претприемач вели дека би можело да се започне со изградба на нови згради на фармата во местото Сан Аугустин на островот Бантајан, но тоа во моментов е исклучително тешко изводливо зашто побарувачката за градежен материјал е огромна.
Борба за преживување
Засега во складиштата има барем доволно храна за живината. Залихите се сместени во хала чиј покрив му одолеа на тајфунот. Но многу селани загубија сѐ и доставувањето на храна е отежнато, така што тоа во иднина во секој случај би можело да предизвика поскапувања. Работниците на Алмодиа во една хала ги делат јајцата според големината. Станува збор за неколку илјади јајца, што е само мал дел во однос на тоа колку ги имаше пред природната катастрофа која ги погоди Филипиините. Но и покрај сѐ што се случи, Алмодиа не губи надеж. Тој сака да продолжи да работи за себе и за своите 50 работници. „Ќе преживееме. Постепено повторно ќе ја изградиме нашата фарма“, вели тој.
Загубен рај
Само неколку километри југоисточно од фармата на овој филипински претприемач се наоѓаат песочни плажи и небесно сино море. Зад плажите се наоѓа шума, претежно со дрвја на кокосови палми. Многу дрвја се искорнати или скршени. Така Бантајан изгледа денес. А некогаш беше мал рај за туристите. По тајфунот Хаијан доаѓаат само мал број туристи, а за домашното население туризмот, покрај рибарството и производството на јајца, е важен извор на приходи. Туристите со задоволство доаѓаат во „Кафе дел Маре“ во гратчето Санта Фе, на југот на островот. Посебна причина за тоа се тестенините кои ги подготвува Хариет Карнабукис. „Во екот на сеозната, од ноември до јануари, тука беше преполно“, раскажува младата Филипинка, која заедно со својот сопруг Италијанец го држи овој ресторан.
Напред, и покрај тајфунот
Но сега, по залезот на сонцето, на столчињата од бамбус седат само тројца гости. Три светилки кои се напојуваат со струја преку агрегат им ги осветлуваат лицата. „Нема вода, нема струја и сѐ изгледа уништено“, вели Хариет и нагласува дека треба бргу да се преземе нешто за да можат странците повторно да доаѓаат. Волфганг Кнабе не само што дојде, туку остана тука и по тајфунот. Од пред две години овој германски пензионер, по потекло од Франкфурт на Мајна, живее во Бантајан. Седејќи во „Кафе дел Маре“ раскажува дека ни тајфунот не можел да го истера. „Овде никогаш не сум би попотребен од сега“, вели Кнабе, извинувајќи се поради солзите кои му навираат на очи. Во моментов тој им помага во работата на хуманитарните организации, кои еден ден претходно поделија 3500 порции храна. „Убаво е да се види дека луѓето започнуваат одново. Наоколу секаде се слушаат чекани“, вели овој „натурализиран“ Филипинец.
Без работа нема ни мотивација
Работите за расчистување на Бантајан сѐ уште не се завршени и ниту од далеку не е сѐ обновено. На асфалтираните патишта сообраќајот се одвива во полн ек, додека на споредните патишта сѐ уште може да се видат соборени дрвја, остатоци од покриви, стакло... Враќањето во нормална состојба ќе потрае подолго отколку што се мислеше, бидејќи многу куќи и натаму немаат покриви, а економијата и пред налетот на смртоносниот тајфун беше речиси падната на колена. На улица седат група млади луѓе. „Немаме ни работа, а ни доволно градежен материјал. Поради тоа седиме и чекаме помош“, објаснува еден млад Филипинец.