1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По средбата Германија – Холандија: испуштена победа?

16 јуни 2004

Традицијата на непоразеност на Германците во првиот настап на завршницата од европските првенства продолжува, но задоволството е половично поради чувството дека во синоќешниот дуел со Холандија можеби е испуштена победата.

https://p.dw.com/p/AcMy
Стрелецот на голот за Германија Торстен Фрингс
Стрелецот на голот за Германија Торстен ФрингсФотографија: dpa

Германската фудбалска репрезентација за тактички одлично одиграниот натпревар и за големата борбеност е наградена само со нерешен резултат. Пред средбата многумина веројатно не би имале ништо против таков исход, а по текот на настаните на средбата останува впечатокот дека победата беше достижна. Првото полувреме донесе доминација на светските вицешампиони. Водството со голот на Фрингс, колку и да беше тој необичен и случаен, бидејќи од слободниот удар повеќе нафрлената, отколку директно кон голот упатената топка го изненади холандскиот голман ван дер Сар, сепак беше израз на таа доминација. “Мислам дека денеска многу добро се држевме. Холанѓаните немаа шанса. Добро, ние еднаш заспавме и напаѓач како ван Нистелрој се разбира тоа веднаш го претвора во гол. Но, и покрај се‘ мислам дека денеска одигравме многу добар натпревар. Со малку среќа можевме и да победиме. За мене беше супер конечно повторно да дадам гол” – изјави Торстен Фрингс, кому синоќешниот му беше четврти гол во репрезентативниот дрес.

Второто полувреме германските фудбалери не ја применуваа толку доследно тактиката, се повлекоа, му препуштија простор на противникот, а од поактивната игра на Холанѓаните резултира и поголем притисок врз германскиот гол. Израмнувањето падна на девет минути пред крајот по велемајсторски потег на Руд ван Нистелрој. “Несреќно загубивме топка кај корнер-знаменцето, а ван Нистелрој ја проследи топката во гол. Тоа беше супер-потег на напаѓачот” – му оддаде признание и германскиот голман Оливер Кан. Капитенот, инаку, е задоволен од играта на репрезентацијата:

“Мислам дека во првото полувреме одигравме најдобар фудбал за долго, долго време. На Холанѓаните не им дозволивме да ја развијат својата игра. Но, тоа ниво, се разбира, на едно европско првенство мора да се одржи 90 минути, па Холанѓаните во некои фази извршија голем притисок врз нашиот гол, и кога и да е едноставно и ќе дојде до 1 спрема 1” – рече Кан. Напаѓачот Кевин Курањи додава: “И покрај се‘, мораме да продолжиме понатаму и да се обидеме да победиме во наредниот натпревар”.

Германскиот "фудбалски кајзер" Франц Бекенбауер трезвено гледа на развојот на настаните: “Севкупно може да се каже дека резултатот е заслужен и праведен. Во второто полувреме Холанѓаните прикажаа битно повеќе. Во првиот дел беа премногу воздржани, делумно играа комотно со многу неточни додавања. Во вториот дел тоа беше сосем друг тим, што и‘ го отежна животот и ја потисна на нашата репрезентација. Секогаш е тешко во таква ситуација и во таа фаза и падна изедначувањето”.

Се‘ на се‘, значи, стравот од можно разочарување сега во Германија отстапи пред умерениот оптимизам дека германскиот тим сепак е доволно силен за добро остварување на првенството.

Денеска се играат натпрервари од второто коло во А-групата. Во Порто победникот од средбата Грција - Шпанија ќе обезбеди пласман во натамошните натпревари. Грција охрабрена од победата на стартот против домаќинот Португалија, најавува натамошна сензација. Прашање е, се разбира, дали има сили за тоа. За Португалија, пак, во средбата против исто така на стартот поразената Русија во Лисабон, нема друг избор освен победа.