1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Рамазан-„Халал сертификат“, новина за македонските муслимани

21 август 2009

Од крајот на септември, веднаш по рамазанските пости, во Македонија ќе почне да функционира Агенција, која ќе издава „Халал сертификати“ на фабриките за храна кои ги исполнуваат стандардите на исламските вредности.

https://p.dw.com/p/JFgU
Муслиманската вера предвидува посебни правила за хранатаФотографија: picture alliance/dpa

Денеска (21.08.2009) за муслиманските верници е голем ден. Почнува светиот месец Рамазан, празникот на молитвата, деновите на пост. Годинешниот празник на муслиманите во Македонија им донесува голема новина што ќе им овозможи поспокојно да ја практикуваат верата. Станува збор за „Халал“ стандардот за храна, пропишан со исламските вредности. Според овој стандард, во месото и месните производи не смее да има свинско, ниту траги од свинско месо, а животното мора да биде заклано на специфичен начин, утврден во исламските закони. Од крајот на септември, веднаш по рамазанските пости, во Македонија ќе почне да функционира Агенција која ќе издава „Халал сертификати“ на фабриките за храна кои ги исполнуваат стандардите. Агенцијата ја формира Исламската верска заедница. Хаџи Јакуб Селимовски за Дојче веле објаснува за што станува

“Има елементи во системот кои ние како муслимани не смееме да ги користиме, а во исто време во системот постојат елементи кои треба да го содржат елементот здрава храна“.

Mazedonien - Land und Leute
Молитва во џамија во МакедонијаФотографија: DW

Македонија ќе има корист со Халал сертификатот

Един е млад човек кој во наредните 30 денови ќе пости. Не се смета себеси за голем верник но ги почитува основните вредности на исламската вера. Ја поздравува иницијативата на ИВЗ за воведување на „Халал сертификатот“. За Дојче Веле објаснува дека вкусил свинско месо но тоа го сторил несвесно.

“Да, сум пробал. Не знаев дека е свинско. Јадев пилешка виршла и кога разбрав дека всушност виршлата е свинска не ми беше пријатно, не се чуствував убаво. Не дека ми беше лошо од месото, туку од сугестијата дека тоа месо е забрането за нас муслиманите, не ми беше пријатно“.

Медицината го поткрепува она што го проповеда верата. Свинското не е неопходно во искраната на човекот, тврди

Селимовски и додава дека Македонија по воведувањето на новиот „Халал сертификат“ ќе може да смета на пробив на големите пазари во муслиманските земји со своите производи.

“Ако производот добие ’Халал сертификат’, двојно ќе се зголеми неговата потрошувачка во Македонија, а што е најважно, тие производи ќе станат многу барани на Блискиот Исток и во сите исламски земји, а во последно време тој сертификат е многу баран во западно европските земји“.

Суштината на Рамазан е во солидарноста

До воведувањето на новиот сертификат верниците во Македонија ќе празнуваат. Суштината на Рамазан е во солидарноста. Поглаварот на ИВЗ – Реис Ул Улема Сулејман Ефенди Реџепи им го честиташе празникот на верниците со порака за мир и благосостојба.

Mazedonien - Land und Leute
Реис Ул Улема Сулејман Ефенди РеџепиФотографија: DW

“Чест ми е овој возвишен месец да им го честитам на припадниците на Исламот, посакувајќи им лесен пост, духовен мир и безгранични благодети во нивните семејства“, порача поглаварот на Исламската верска заедница.

По повод рамазанските пости во паркот во скопската населба Чаир, трета година по ред, во шатор ќе биде поставена ифтарската софра.

Верниците кои го организираат тоа велат дека целта на софрата лежи во суштината на празникот - богатите и сиромашните да седнат на иста маса.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска