1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По масакрот од Хула веќе ништо не е исто?

ЕМФ/ртр/дпа/кна/афп29 мај 2012

Како реакција на протест поради масакрот во сирискиот град Хула, Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Шпанија и Австралија ги протераа сириските дипломати. Дали тоа ќе остави впечаток врз Асад, е прашање.

https://p.dw.com/p/153vX
Фотографија: Reuters

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле денеска соопшти дека го повикал сирискиот амбасадор во Берлин, Радван Лутфи, и од него побарал да ја напушти земјата. Амбасадорот е прогласен за „персона нон грата“ и мора во рок од 72 часа да ја напушти Германија, изјави Вестервеле. Уште во февруари протерани беа четворица други соработници во сириската амбасада во Германија, поради постапките на режимот во Дамаск против опозиционерите.

„Германија дејствува заедно со своите партнери. Сметаме дека нашата недвосмислена порака нема да наиде на затворени уши од страна на Дамаск“, изјави Вестервеле.

Најава за протерување на амбасадори и други сириски дипломати денеска дојде и од Франција, Велика Британија, Италија, Шпанија и Австралија.

Во Хула, во петокот (25.05) беа убиени повеќе од 110 цивили, меѓу кои и голем број деца. Сириската опозиција денеска јавува за нови крвопролевања. Сириските владини сили, според опозиционерите, убиле 18 цивили и двајца дезертери. Најголемиот дел од жртвите загинале при артилериски напади во провинциите Хомс и Алепо, како и од снајперисти.

Kofi Annan Bashar al Assad Damaskus
Анан и Асад денеска (29.05) во ДамаскФотографија: picture-alliance/dpa

Анан од Асад бара спроведување на мировниот план

Специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија Кофи Анан денеска во Дамаск од сирискиот претседател Башар ал-Асад побарал спроведување на мировниот план. Во личен разговор со Асад, Анан ја изразил длабоката загриженост на меѓународната заедница поради насилството во Сирија, особено во малиот град Хула, соопшти портпарол на Анан.