1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поштарката Розвита Зештерхен од Минстермајфелд

11 август 2010

Розвита Зештерхен минува многу километри дневно. 50- годишната поштарка разнесува писма и пакети. Приватно, себе си се опишува како „домашарка“ за која семејството е се‘ на светот.

https://p.dw.com/p/O5sV

Додека другите луѓе уште удобно лежат во своите кревети, на Розвита Зештерхен и‘ почнува денот. Будилникот и‘ ѕвони во 4.20 часот наутро. Набрзина се тушира, пие кафе, пакува некоја ситница за појадок - и веќе е готова! Благодарение на униформата, нема потреба да размислува за облеката што ќе ја облече преку ден!

Најдоцна во 5.30 часот Розвита Зештерхен ја напушта својата куќа во Келдунг. Тоа е едно мало место со само 231 жител, коешто припаѓа на општината Минстермајфелд, во покраината Рајнланд Пфалц.

Gesichter Deutschlands RoSeP2
Розвита е и шеф и работникФотографија: DW

Таа е родена и израсната во планинскиот регион Ајфел. Никогаш не сакала да си замине оттаму. Розвита Зештерхен вели дека е „типична селанка“.

Не само „шефица“

10 минути подоцна и 16 километри подалеку пристигнува на работното место, во т.н. пункт за разнесување на пошта во Коберн-Гондорф, едно идилично место на реката Мозел, познато по производството на вино.

Таму е раководител на екипата. Таа пред се‘ се грижи за организаторските работи: донесената и сортираната пошта мора да им се подели на поштарите, кои потоа ги испорачуваат пратките во нивните реони.

Пунктот за разнесување на поштата е одговорен за 23 реони. Таму има вкупно 40 вработени. За таа работа потребни се истрајност и отпорност на стрес, како и добра прегледност. „Јас сум овде одговорна за се‘ - од тоалетна хартија до пенкала“, вели смеејќи се 50-годишната Зештерхен.

Gesichter Deutschlands RoSeP3
Жолтото службено возило го вози како ШумахерФотографија: DW

Нејзините колеги ги опишува како „купче пријатни луѓе“. Со нив добро се согласува. Тоа е можеби така бидејќи таа е само наутро „шефица“. Од 9 часот и таа разнесува пошта. Претходно, како и останатите, и таа ги влече своите кутии, ја сортира поштата, става пакетчиња и писма во службениот автомобил.

Службениот автомобил е еден поштенски жолт Фолксваген-Кеди. Со него вози без страв низ тесните и стрмни улици, коишто се типични за малите места на реката Мозел. Зештерхен сака да се приближи колку што може поблиску до куќите за да не мора далеку да оди. Сепак, за одење се собира доста.

„Тазе печена“ баба

Околу 14 часот заминува дома. Легнува да се одмори еден час. Доцна попладне подготвува вечера за себе и сопругот Тони. Тој работи во весникот „Рајнцајтунг“, како советник за медиуми. Покрај тоа, го тренира локалниот фудбалски тим.

Gesichter Deutschlands RoSeP1
Дел од луѓето од реонот не ја препознаваат без униформаФотографија: DW

Поштарката не готви со задоволство. Притоа, нејзиниот сопруг не‘ уверува дека добро готви. Повеќе сака да чита - најмногу историски романи.

Или и‘ телефонира на нејзината сестра, којашто живее на 100 км оддалеченост. Розвите Зештерхен тоа го прави особено често по смртта на нејзината мајка. Долго ја негувала мајка и‘. Веќе 4 недели 50-годишната жена има нова задача: да биде баба. Не живее далеку од внукот. Нејзиниот син живее со неговата девојка во соседното место.

Автор: Јулија Сијаткова / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска