1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува цивилниот процес против концернот „БП“

Кристина Бергман/ Александра Трајковска25 февруари 2013

Денеска (25.02) во Њу Орлеанс почнува цивилниот процес против нафтениот концерн БП поради последиците од нафтената катастрофа во Мексиканскиот залив. Според БП, таму се’ повторно е во ред, но реалноста изгледа поинаку.

https://p.dw.com/p/17l7m
Фотографија: DW/C.Bergmann

„Нашите школки се сите мртви, веќе долго немаме ништо уловено“, раскажува Бајрон Енкаладе. 58-годишниот рибар стои во еден од неговите два брода, кои веќе три години не отпловиле. Тие ‘рѓосуваат во пристаништето Поент а ла Хах, мало место јужно од Њу Орлеанс, каде Мисисипи се влева во Мексиканскиот залив и каде во април 2010 година 86 денови течеше нафта по катастрофата на нафтената платформа „Дипвотер хорајзон“. Тогаш истекоа повеќе од четири милиони барели нафта и загадија 7.000 километри крајбрежје на САД. Најмногу погодена беше Луизијана, пред чиј брег се наоѓаше платфотмата на концернот „БП“.

Зошто школките веќе не растат, засега не може да се утврди. Причините зошто ги снема се чини се утврдени. Биологот Ед Кејк, кој соработува со Министерството за заштита на природата во Луизијана, смета дека чистењето на водите на Мексиканскиот залив со слатка вода ги убило овие школки, оти им е потребно одредено количество солена вода за да егзистираат. Професорот Томас Сониат, биолог на универзитетот во Њу Орлеанс меѓутоа смета дека станува збор за нормален циклус. „И пред нафтената катастрофа бројот на школките, споредбено беше мал“, вели тој.

Студија под клуч

Спогодбата со концернот „БП“, која некои од луѓето ја прифатија кратко по катастрофата, не беше на штета на сите, вели адвокатот Џоел Валцер, кој застапува некои рибари. При калкулацијата на сумата за обесштетување беше пресметана загуба од 30 проценти од уловот. Оној кој имаше помали загуби, како на пример рибарите за школки на западната страна на Мисисиспи,  направи добра зделка. Но за оние како Бајрон Енкаладе и рибарите од Поент а ла Хах  кои загубија се’, тоа се разбира не е доволно.

BP Deepwater Horizon Austernfischer
Школките веќе не растатФотографија: DW/C.Bergmann

Друг проблем е што „рибарите“, смета Валцер, „мораа да одлучат во време кога се’уште не можеа да се согледаат долгорочните последици“. Оние кои многу рано се согласија на обесштетување, сега повеќе немаат право. Валцер се надева дека по ова прашање ќе биде донесена пресуда во полза на оштетените. Имено, никој не знае кога школките повторно ќе се размножат. Една државна студија се држи под клуч. Државата сака да ја искористи во процесот против „БП“, вели адвокатот Валцер.

Но дотогаш луѓето во Поент а ла Хах тапкаат во место. „Оваа несигурност е најлошото“, вели Дон Бешел, кој управува со паркиралиштето за бродови на пристаништето во местото. До пред две години неговата фирма работеше со профит, комерцијалните и спортските рибари како и нафтените фирми кај него купуваа сладолед, бензин и залихи и ги растовараа нивните школки, ракови и риби. Но од 2010 година продажбата е намалена за 65 проценти и Бешел не знае уште колку долго ќе може да го одржи бизнисот.

BP Deepwater Horizon Austernfischer
Замрено пристаништето Поент а ла ХахФотографија: DW/C.Bergmann

Лоши изгледи

Били Нунгесер е претседател на општината Плакеминес, која припаѓа кон пристаништето Поент а ла Хах. Тој се подготвува на долга суша: „Мислам дека ќе трае десет до 20 години, додека нафтата целосно исчезне. Тоа значи дека луѓето нема да јадат морски плодови од овде, дури и ако се каже дека може да се јадат“, вели тој.

Во меѓувреме, луѓето во Поент а ла Хах се обидуваат да преживеат. За 58-годишниот Бајрон Енкаладе тоа значи да живее заедно со татко му. „Татко ми ја плаќа сметката за струја“, вели тој и дополнува: „Тој купува храна и се’ друго, јас не можам“. Целото место живее од пензиите на нивните родители. Околу сто рибари живееле таму, појаснува Енкаладе, но било тешко да се има увид кој останува, а кој си оди. Но ако школките наскоро не дојдат, тогаш луѓето во Поент а ла Хах нема да имаат друг избор, отколку да го напуштат местото, во кое го минаа цел живот и каде ловеа риби.